Вести Македонија Топ теми Ударни вести

МНР на Бугарија: Македонија не го осудува крвавиот комунизам, ги дискриминира Бугарите

Сподели:

 

Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија преку соопштение изрази загриженост дека со измените на законите за здруженија и фондации и за политички партии во Северна Македонија се ограничува правото на здружување на Бугарите во земјава бидејќи има еднострано толкување на историските факти.

Станува збор за законските измени со кои се забрани користење имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн., за здруженија, фондации и политички партии во земјава, а кои беа изгласани пред два дена во Собранието.

„Постои сериозна загриженост дека тие (законските измени) имаат за цел дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за што повод е еднострано толкување на историските факти. Легитимната потрага за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да се инструментализира за намерно ограничување на правата на одредени задници. Ограничувањата од ваков карактер во минатото веќе им беа наметнати на Бугарите во Северна Македонија. Со слични аргументи, во 2001 година беше забранета организацијата Радко кој е псевдонимот на Иван Михајлов. Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) веќе донесе одлука по ова прашање“ реагира бугарското МНР.

Бугарија смета дека тоа што ќе биде потребно позитивно мислење од консултативно тело формирано во Министерството за правда за да може да се употреби некое име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, наметнува загриженост дека во интерпретацијата на историските личности и настани ќе биде доминантно официјалното интерпретирање што го има Северна Македонија.

„Ваквиот пристап сосема логично ја објаснува и неподготвеноста да се деблокира работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“ вели бугарското МНР.

Софија замерува и на тоа што во законските измени не била вклучена и забраната на комунизмот.

„Посебен проблем е одлуката на Собранието на Северна Македонија воопшто во измените да не го вклучи комунизмот како тоталитарна и репресивна идеологија. Сè уште нема законска мерка или механизам за рехабилитација и обесштетување на убиените и повредените за време на комунистичкиот режим во поранешна СР Македонија, кои биле прогонувани и репресирани исклучиво поради нивниот бугарски идентитет“ пишува во реакцијата.

Понатаму, МНР на Бугарија оценува и дека ваков вид на законски измени го попречува ефективното и сеопфатно спроведување на Договорот за добрососедство и порачува дека очекува властите во Северна Македонија да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на Бугарите.

„Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови и верувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри. Во духот на стратегијата Едно општество за сите, властите во Северна Македонија треба да ги обезбедат неопходните услови за претставниците на етничките заедници да може да ја зачуваат и развиваат својата култура и главните елементи на нивниот идентитет, традиции и културно наследство“ вели бугарското МНР.

Реакцијата од Софија завршува со пораката дека правото на слободно здружување, мирно собирање, слобода на говор и слобода на уверување треба да им се гарантира на сите граѓани на државата.

Сподели: