Вести Македонија Топ теми Ударни вести

МО – Пендаровски: Не се разгледувала никаква можност за задолжителен воен рок

Сподели:

 

Армијата на Република Северна Македонија е целосно професионална Армија и досега нема никакви планови, ниту консултативни процеси за враќање на задолжителното служење воен рок. Одлуката за професионална војска ќе продолжи да се применува, истовремено исполнувајќи ги сите обврски на државата кои произлегуваат од членството во Алијансата, велат од МО.

Министерството за одбрана е институција во која секој професионалец има право,  можност, но и обврска да го каже својот став и истиот да биде слушнат. Ако постои интерес во јавноста, Министерството е отворено да дискутира за секое прашање, вклучително и ова, додаваат оттаму.

И претседателот Стево Пендаровски изјави дека Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО.

Тој во одговорот на прашањето на МИА, да го изнесе неговиот став во врска со вчерашната изјава на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој предложи враќање на задолжително служење на воениот рок, одговори дека државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина.

– Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО, истакна шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили.

Началникот на ГШ, генерал-потполковник Ѓурчиновски вчера во дебатниот магазин „Клик плус“ порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето на војска. Тој смета дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри.

– Би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. Би ги подготвило за сите овие пред малку што ги споменав карактеристики, на почитување на хиерархии, субординација, едно старешинство, помлад, постар, вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека служевте воен рок, рече вчера Ѓурчиновски.

Сподели: