Апликацијата „мЗаедница“ дигитална алатка за поголема ефикасност на администрацијата

Сподели

 

Мобилната апликација „мЗаедница“ (достапна за iOS и Android), веќе неколку години претставува платформа која овозможува пофлексибилна комуникација меѓу граѓаните и административците од општина Карпош. Токму оваа причина го мотивираше Меѓународниот републикански институт (ИРИ) да иницира онлајн настан, на кој беше презентирана оваа успешна дигитална алатка.

Воведно обраќање имаше градоначалникот Стефан Богоев, кој ја истакна потребата од системски промени во сферата на дигитализација на јавните услуги.

 

 

– Живееме во колективистичко општество, каде што луѓето сакаат да пријават и основни комунални проблеми до градоначалникот или носителот на јавна функција, односно да пристапат физички до општината. Сепак, овој однос значи две работи. Луѓето немаат доверба во системската поставеност во институциите и проблемот да го пријават до соодветните служби и сектори. А, за жал и голем дел од носителите на јавни функции сакаат „за сѐ да одлучуваат“ и оттука да ја црпат својата моќ. Но, токму овој тип на комуникација, преку дигитални алатки овозможува поголема ефикасност на администрацијата, двонасочна и структурирана комуникација, рече Богоев.

За техничките аспекти на апликацијата, зборуваа Зорица Велковска и Милан Танчески од Центарот за социјални иновации „БЛИНК 42 – 21“. Токму за „мЗаедница“, оваа организација ја доби и Европската награда за млади, во 2019 година, во категоријата „Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството“. Позитивниот пример од Карпош ќе го следат уште две општини. Наскоро, оваа апликација ќе биде достапна и за граѓаните од Валандово и Велес.

Во овие моменти, се подготвува нова верзија (update) на мобилната апликација, со што истата ќе стане уште поблиска до граѓаните, полесна за користење и со можност да се доставуваат поднесоци до општинската администрација.

Во рамки на онлајн дискусијата, претставниците од ИРИ ја поздравија иницијативноста и конкретната соработка меѓу локалната самоуправа и оваа граѓанска организација. Тие посочија дека постои разочарување меѓу граѓаните ако се сведоци на игнорантски однос, а „мЗаедница“ поттикнува видлива двонасочна комуникација, поткрепена со фотографии од терен, од реалните проблеми или решенија.