МТСП: Социјална заштита за домаќинствата кои останале без приходи

Сподели

 

 

Лицата кои останале без работа или биле дел од неформалната економија добиваат брз влез во системот на социјална заштита. Eдна од клучните мерки во вториот сет мерки за олеснување на последиците од кризата предизвикана од КОВИД-19 е олеснетиот пристап до парична помош на лицата и семејствата на кои таа им е најпотребна. Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ ги објаснија прилагодувањата на системот на социјална и детска заштита укажувајќи дека секој граѓанин треба да знае дека никој не е заборавен.

 

„За да добијат минимална гарантирана помош, материјалната необезбеденост за лицата ќе се  утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи, сметано од последниот месец, наместо досегашните три месеци. Оваа мерка ќе трае два месеци, април и мај 2020. На ваков начин покажуваме дека системот на социјална заштита е така дизајниран што лесно се прилагодува на потребите на граѓаните, стигнува до оние на кои помошта им е најпотребна а најранливите членови на заедницата ниту во екстремни услови како моменталните, не се занемарени“, рече заменик министерот Бајрактар.

 

 

Владата, преку двата пакети на мерки, покажува темелен пристап кон потребите на различни општествени сегменти, затоа што брзината на закрепнувањето по кризата зависи од мерките преземени за време на кризата.