МТСП: Унапредувањето на човековите права е еден од клучните приоритети на оваа Влада

Сподели

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одржа средба со Нилс Мужниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа, во рамките на неговата работна посета на Република Македонија. Министерката го информираше комесарот за актуелните процеси и активности на министерството, кои што ќе ја подобрат состојбата со почитувањето на човековите права во земјава.

Во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој е веќе доставен до Венецијанската комисија, министерката истакна дека суштинските промени ќе се случат со професионализација на Kомисијата. Во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе бидат вклучени лица со долгогодишно искуство на полето на човековите права и со тоа ќе биде независна во одлучувањето и поефикасна во својата работа.

Посебен акцент беше ставен на проблемот со вклучување на голем број ромски деца во специјални училишта, иако не се лица со попреченост. Заедно со Ромскиот образовен форум се спроведуваат активности за нивно вклучување во редовниот образовен процес. Исто така, беше посочено дека МТСП креира мерки за вклучување на пазарот на труд и достапно образование, како клучни сегменти кои овозможуваат вистинска инклузија на Ромите во општеството. Во однос на лицата без документи, од кои најголем дел се Роми, беше укажано дека Владата интензивно работи на конечно решавање на овој долгогодишен проблем и во таа насока се подготвуваат и неопходните законски измени.

Комесарот Мужниекс беше информиран и за процесот на деинституционализација, односно трансформацијата на големите институции за згрижување лица, со оглед на тоа што во дел од овие институции години наназад се констатира кршење на човековите права. Соодветната стратегија ќе биде усвоена наскоро, а паралелно се работи на промена во фнкционирањето на дневните центри за лица со попреченост, обезбедување локации за мали групни домови, како и развивање на систем на услуги на локално ниво во соработка со општините.