МВР 24 часовен Билтен

Сподели

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ж.Ж.(43) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 19.03.2025 во Казнено – поправната установа Затвор Штип, три службени лица од установата го затекнале пријавениот со мобилен телефон, кој по усната наредба да го предаде телефонот, упатувал закани кон тројцата, а на еден од нив со стаклен предмет му нанел повреда.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Л.С.(22) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. На 27.04.2025 во семејниот дом, пријавената физички ги нападнала свекрвата, золвата и сопругот, по што се обидела со остар предмет да го нападне сопругот.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против В.М.(39) и Т.С.(56), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 18.01.2025 во Казнено – поправната установа Затвор Идризово, пријавениот В.М. нападнал затворски полицаец додека извршувал службени дејствија. Додека, на 15.02.2025 во Затворот Идризово, пријавениот Т.С. нападнал вработен во установата, додека извршувал работни задачи. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Љ.О.(66) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување на сигурноста“. На 29.04.2025, поради незадоволство од судска одлука, пријавениот упатувал закани на М.П. – судија во Основен суд Гостивар во неговата куќа во с.Вруток, гостиварско.

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Скопје поднесе кривична пријава против Е.А.(49) од с.Танушевци,скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“. На 19.04.2025 кај место викано „Рамно“, скопско, полициски службеници извршиле преглед над товарно возило „мерцедес“, управувано од пријавениот, при што биле пронајдени и одземени 192 пакети со производи за кои не поседувал документација.

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против Д.П.(35) од с.Средно Коњари, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. На 07.04.2025, на Граничен премин Табановце, на излез од државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана швајцарска возачка дозвола.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево, до Основното јавно обвинителство Кочани, поднесе кривична пријава против Н.В.(40) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по чл.244-а од Кривичниот законик – „бесправно градење“. Во периодот од 27.03.2025 до 17.04.2025 на катастарска парцела во с.Луковица, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, пријавениот изградил објект на место каде нема урбанистички план, односно е во постапка на донесување, а објектот не може да се вклопи во планот затоа што градбата е лоцирана во заштитен појас на Магистралниот пат А3.

На 05./06.05.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Н.О.(28), К.П.(37) и В.Б.(29), сите од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана, бела грутчеста материја и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 05.05.2025 во 09.11 часот во Полициската станица Кочани е пријавено дека на ул.„Глигор Апостолов-Гочо“ во Кочани, патничко возило „сузуки“ со кочански регистарски ознаки, управувано од А.Х.(56), удрило во пешакот Т.М.(46), двајцата од Кочани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Т.М., констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани.

На 05.05.2025 во  15.30 часот во Полициската станица Струга е пријавено дека на 01.05.2025 околу 13.00 часот на локалниот пат за с.Горна Белица, струшко, патничко возило „нисан терано“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Б.Џ.(50) од с.Долна Белица, струшко, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила неговата сопатничка К.Џ.(45) од с.Долна Белица, а со телесни повреди се здобиле возачот, сопатничката М.Џ.(54) и еден малолетник, двајцата од с.Долна Белица, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Струга.

На 05.05.2025 во 15.37 часот во Полициската станица Прилеп е пријавено дека на крстосницата од ул.„Јане Сандански“ со ул.„Стеван Димоски“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „хамачи“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Прилеп и патничко возило „шкода октавија“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 34-годишната С.М. од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Градската болница Прилеп.  Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.

На 05.05.2025  во 18.05 часот во СВР Битола е пријавено дека на магистрален пат Битола- Прилеп, во близина на надвозникот со с.Долно Српци, општина Могила, патничко возило „пежо“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.К.(25) од Битола, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот В.К.(61) од Битола, констатирани во Клиничка болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

На 05.05.2025 во 13.55 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од ул.„Натанаил Кучевишки“  и ул.„Хо Ши Мин“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Д.(24) од Скопје и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 05.05.2025 во 23.00 часот и на 06.05.2025 во 01.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Џ.Д.(56) од с.Гајре, тетовско и Л.Д.(52) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава од 39-годишната З.Ј. од тетовско Џепчиште дека со употреба на сила го внеле нејзиниот малолетен син во нивното патничко возило „бмв х5“ и физички го нападнале, при што употребиле и метален предмет. Според пријавеното, откако успеал да им избега, Џ.Д. извадил пиштол и му се заканувал на малолетникот. Исто така, тие биле пријавени и од Б.Ш.(24) од Тетово дека против негова волја го внеле во истото возило, физички го нападнале и барале од него да им посочи две лица кои наводно земале пари од ќерката на Џ.Д.. Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот ќе им биде поднесена соодветна пријава. 

На 05.05.2025 во 15.15 часот во СВР Битола е пријавено дека во атар на с.Дихово, битолско, била пронајдена граната. Од пиротеничар од Дирекцијата за заштита и спасување гранатата била безбедно подигната и било констатирано дека се работи за рачна бомба од германско производство од Втората светска војна.

На 05.05.2025 во 23.40 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.К.(36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал В.Т.(39) од Скопје и му упатувал закани со остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.    

На 05.05.2025 во 17.40 часот во СВР Скопје, Д.С.(53) од с.Љубанци, скопско, пријавил дека околу 11.00 часот во основно училиште во с.Љубанци, неговиот малолетен син бил физички нападнат од негов соученик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.05.2025 во 01.45 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.Џ.М.(17), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 05.05.2025 во 10.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Крсте Мисирков“ на подрачјето на Бит Пазар во Скопје починало едно машко лице, кое немало лични документи за идентификација. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 05.05.2025 во 18.55 часот во Полициската станица Прилеп, од Општа болница „Борка Талески“ Прилеп било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди била донесена 10-годишна малолетничка од од с.Алданци, крушевско. Според пријавеното, во дворот од семејната куќа, нејзиниот седумгодишен брат случајно го стартувал возилото „форд галакси“, со клучот кој бил на бравата, и ја прегазил на ногата. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.