МВР демантира: Ковачки шири невистини, неселективно се постапува за сите кршења на законот

Сподели

 

Секторот за внатрешни работи Велес ги демантира невистините објавени од страна на пратеникот Драган Ковачки на социјалните мрежи за наводно несанкционирање на кривични дела односно лица кои пукале на свадбени веселби. Напротив, се постапува и ќе се постапува за сите случаи, без оглед на тоа кој е сторителот.

Што се однесува до првото видео објавено од Ковачки, станува збор за свадба, настан кој на 11.09.2022 е објавен на социјалните мрежи и за кој се преземени соодветни мерки и активности. На 12.09.2022 по наредба на ОЈО Велес е извршен претрес кај И.А. (48) од село Горно Јаболчиште, при што се пронајдени и одземени 8 чаури од пушка, 10 чаури од гасен пиштол и 1 чаура од пиштол. На 23.12.2022 против И.А. е поднесена кривична пријава по член 288 за предизвикување на општа опасност.

Исто така, во врска со овој случај, во август 2023 година, по обезбедени видео материјали,  дополнително е утврден идентитетот на уште едно лице Б.Д. (24) и со него е извршен службен разговор по наредба на ОЈО Велес, а по целосно документирање на случајот против Б.Д. ќе биде поднесена кривична пријава.

Што се однесува до второто и третото видео, СВР Велес во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе презема мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите, по што јавноста ќе биде соодветно известена.

МВР во изминатиот период јасно покажа дека нема никаква толеранција за кршење на законите и нема апсолутно никаква селективност без оглед кој е сторителот. Доколку се утврди вина кај било кој полициски службеник или вработен во МВР и негова поврзаност со било кое кривично дело, тој, како и во сите досегашни случаи, ќе биде соодветно санкциониран.