МВР: Независниот синдикат на полицијата ги доведува во заблуда колегите полициски службеници

Сподели

 

Министерството за внатрешни работи во целост ги демантира дезинформациите пласирани од страна на претседателот на Независниот синдикат на полиција на вчерашната прес конференција, како целосно неточни и паушални.

Имено, Министерството за внатрешни работи при извршување на својата функција и надлежности, секогаш води сметка за работникот, а имајќи ги предвид неговите работни способности и можности. Во контекст на ова, работното време за вработените во министерството трае од 8 до 12 часа, но во зависност од потребите на работниот процес може да трае и подолго.
Притоа, да потсетиме дека сето ова е уредено во одредбите од Законот за работни односи, во кој согласно член 124-а, работодавачот може ја организира работата во смени согласно одреден план. Работењето во смени може да биде континуирано или со прекини, вклучувајќи ја потребата за работниците да работат во различно време во даден период на денови или недели.  
Во членот 129 од истиот закон е утврдено ограничување на работа ноќно време, односно работното време на работникот кој работи ноќе на работно место, каде што постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, не смее да трае повеќе од осум часа дневно.

Целосно паушални и тенденциозни се примерите споделени на прес конференцијата дека 8-часовно работно време имаат полициски службеници кои патуваат од Гостивар до Ростуше или од Прилеп до Старавина, а тенденциозни и на штета на полициската служба се наводите дека работните 8 часа полициските службеници би ги поминувале патувајќи по 70-80 км од дома до работното место.

Прво, таква одлука за унифицирање на работното време на 8 часа за полициските службеници во државата не е донесена. Промена на работно време од 12 на 8 часа е предложена од страна на раководниот кадар во СВР Велес и е предвидена исклучиво за увидните екипи во сообраќај, и тоа само во Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Кавадарци и Неготино, согласно потребите на службата, и во СВР Штип каде е воведено двосменско работење, а сѐ со цел поефикасно извршување на  работните задачи. Уште нешто во контекст на разобличување на овие пласирани невистини – полициските службеници за кои е предвидена промена на работното време се со место на живеење во Кавадарци и Неготино, односно во Штип и не патуваат надвор од своите организациони единици.

А што се однесува до споменатата Полициска станица за граничен надзор Старавина при Регионалниот центар за гранични работи Југ, во која во изминатите денови беше  спроведен оперативен план по една од оперативните акции на БЈБ во ограничено времетраење од 4 дена, за ангажираните полициски службеници кои за нејзино  спроведување работеле по 8 часа и се со место на живеење во Прилеп, беше обезбеден превоз со службени возила на Министерството за внатрешни работи од ОВР Прилеп до контролните точки за реализација на планот.

Со изнесувањето на овие дезинформации, Независниот синдикат на полиција ги доведува во заблуда колегите – полициски службеници, но и граѓаните на Република Северна Македонија и наместо да помогне во унапредување на условите за работа и правата на вработените во МВР, што треба да претставува цел на секоја синдикална организација,  има за цел само да наштети, не само на угледот на институцијата, туку и на  работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите.