МВР приведе неколку лица за нападот врз новинарската екипа на „А1он“

Сподели

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу го информирал Здружението на новинари на Македонија дека приведени се лица за нападот на новинарската екипа на „А1 он“ за време на протестот „За заедничка Македонија“.

Учесници на протестот ги нападнале снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски, нанесувајќи им повреди поради кои и двајцата завршија во Ургентниот центар во Скопје.

Министерот истакнал дека се работи на расчистување на случајот, но не открил колку лица се приведени и каде се пронајдени.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани вечерва го осуди нападот и за ваквиот инцидент го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Ова е кулминација на тоа што се случува во последните четири години. Власта на Никола Груевски координирано напаѓа новинарите, со цел да не се известува објективно за состојбите во Македонија. Сакам да му порачам на претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски да ги повлече своите насилници – рече Селмани, додавајќи дека дури и ВМРО-­ДПМНЕ да нема ништо со овој напад, партијата директно влијае на атмосферата со тоа што не ги санкционираа претходните напади.