МЗ: Фокусирани сме на унапредување на условите за третман на пациентите

Сподели

 

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на сите здравствени работници им го честита Светскиот ден на здравјето-7 април, кој годинава се одбележува под мотото „Здравје за сите”.  По тој повод се одржа свечен настан организиран од Македонско лекарско друштво, во соработка со СЗО.   

 -Зајакнување на јавните здравствени установи со кадар е една од приоритетните области на која работиме. Со Лекарската комора, се фокусираме и за начините за скратување на административните процедури за лекарите. Паралелно сме фокусирани и на унапредување на условите за третман и лекување на пациентите, истакна министерот Меџити во денешното обраќање на настанот.      

Министерот потсети за повеќе инвестиции реализирани изминатиот период, меѓу кои се реновираниот оддел на Клиниката за гастроентерохепатологија и двата реновирани оддели на Клиниката за токсикологија. Во тек е и проширување на капацитетите на Клиниката за хематологија, а се проширени капацитетите и се реновирани операционите сали на Клиниката за максилофацијална хирургија. Паралелно се реализира голем проект во соработка со Светска банка за зајакнување со нова апаратура на поголем број јавни здравствени установи во државата.  

  

-Значајна новина е новиот Правилник за  ставање лек на позитивна листа, кој ќе придонесе за побрзо осовременување на позитивната листа. Согласно европските практики, со него се дефинирани постапки и критериуми за утврдување лек на позитивната листа, кои важат подеднакво за сите лекови, како за домашни, така и за странски производители на лекови. Во следниот период ќе се фокусираме и на проектот за регионализација на инфраструктурата на ЈЗУ низ државата, со цел доближување на здравствените услуги до местото на живеење на пациентите, посочи министерот Меџити. 

Тој упати благодарност до Македонското лекарско друштво и канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, со кои заеднички, традиционално се одбележува Светскиот ден на здравјето.