Вести Македонија Ударни вести

Министерот Лога со поддршка за иницијативата за конфискација на дивоградби на Герасимовски

Сподели:

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денес одржа средба со министерот за правда, Кренар Лога, на кој му ја претстави иницијативата за регулирање, конфискација и ре-употреба на бесправно изградени објекти.

Целта на оваа иницијатива е да најде и произведе решение и даде можност за конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. Преку оваа Иницијатива намерата е да се интервенира во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.

 

 

Министерот за правда Лога го информираше Герасимовски за постоечките законски решенија, но и за новиот Предлог-законот за управување со конфискуван имот и предмети во кривична и прекршочна постапка, кој е во изработка, при што му изрази силна поддршка за иницијативата.

„Иницијативата е добра и за ова ја имате мојата целосна поддршка. Многу земји го имаат решено овој проблем на сличен начин, а како пример од регионот би го навел Албанскиот модел, кој лесно би можел да се примени и тука. Во Албанија постои Национален инспекторат кој секојдневно спроведува акции особено во крајбрежните области, каде има голем број на дивоградби, без дополнителни бирократски пречки. Исто така, сите оние инвеститори кои со своето градење отстапуваат од издаденото одобрение, односно цела површина која е надвор од одобрението се запленува од страна на општината, која потоа ја продава јавно по пазарна цена на метар квадратен. Постојат и други примери, но добро е за ова да се отвори дискусија и е погодно време овие измени да се вметнат во новиот Предлог закон за управување со конфискуван имот и предмети во кривична и прекршочна постапка“ – истакна министерот Лога.

Герасимовски, кој веќе во понеделник ќе му ја претстави иницијативата и на министерот за транспорт и врски, му се заблагодари на министерот за правда, Кренар Лога за одвоеното време, нагласувајќи ја потребата од поддршка и отворање на широка јавна дебата, со цел донесување на квалитетно и издржано законско решение, кое во иднина ќе придонесе кон решавање на проблемите со нелегално изградените објекти.

„Оваа иницијатива ја поднесов и до ЗЕЛС, каде доби поддршка и беше едногласно изгласана од Управниот одбор. Општината колку и да сака, нема доволно средства за да ги отстрани сите дивоградби на нејзина територија, затоа што рушењето чини многу пари, а проблемите со објектите остануваат и понатаму. Со оваа иницијатива сакаме да најдеме начин како да ги искористиме тие нелегално изградени објекти и да ги ставиме во функција на општината. Дополнително, верувам дека ваквата измена во законите значително ќе ги обесхрабри оние кои во иднина би сакале да започнат да градат на диво непочитувајќи ги законите“, изјави на средбата градоначалникот Герасимовски.

Двајцата се согласија да се формираат работни групи кои ќе започнат веднаш со прецизирање на деталите и формирање на предлог измени во законот.

Согласно иницијативата, во постоечкиот Закон за управување со конфискуван имот, потребно е да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, да се упати на постапка за ре-употреба. Потребно е да постојат одредби кои при констатирање дека објектот, предмет на постапката за легализација, претставува објект кој е изграден надвор од законски предвидениот рок, односно после 2011 година и дека тоа не претставува објект предвиден за легализација согласно Законот. Со измените, истиот со акт ќе се одбие и упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.

Сподели: