Министерството за здравство со последната јавна набавка, сензори за следење гликемија се обезбедени за 800 лица со дијабетес тип 1, согласно Програмата за дијабетес и заклучоците на националната комисија за дијабетес. Јавната набавка, склучена во април, годинава, важи до април 2028 година. Со последната јавна набавка е обезбедена современа инсулинска и антидијабетична терапија со зголемени количини.
Во тек на мај и јуни, годинава, е извршена и замена на сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите вклучени во Програмата им се распределени количини на сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Пациентите ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, согласно утврдениот режим, информираат од Министерството за здравство.
Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица со дијабетес тип 1, како и лица со дијабетес тип 1 кои имаат најтешки компликации и коморбидитети.
На овој начин, согласно расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти за да се обезбеди континуирано следење на нивото на гликемија и подобро управување со болеста.
Потсетуваме дека сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат беа обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со јавната набавка во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.


