МЗ: Во ковид центрите во државата сместени се 702 пациенти

Сподели

 

Во моментов 702 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19 вирусот се лекуваат во болниците во земјава. Од нив 569 се лекуваат во ковид центрите, додека пак во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнителни 133 болни. Овие бројки се однесуваат на последните 24 часа, соопшти Министерството за здравство, од каде што велат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

„По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 48 пациент, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 73 пациенти позитивни на ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 91, во ковид центарот во Гостивар 42, а во Струга 30 позитивни и ковид суспектни пациенти. Во болницата во Струмица лежат 30 пациенти, во Кочани 23, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 11 лица позитивни на корона вирусот“ соопштија од МЗ.

Од ресорното министерство информираат дека во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението од МЗ.

Инаку во Скопје, во изминатите 24 часа, во ковид центрите се примени нови 40 пациенти позитивни и суспектни на вирусот на ковид-19. На интерните клиники имало вкупно 10 приеми и тоа 6 во ковид центарот на Клиниката за Кожни болести и 4 пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. На Клиниката за Инфективни болести во изминатото деноќие имало 20 приеми, а во ковид центарот во ГОБ 8 Септември се примени 10 нови пациенти.

Вкупно 347 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.