МЗД: Анти-дискриминацијата како клучна област во која е потребно унапредување

Сподели

 

Заклучни согледувања на Комитетот за правата на детето при Обединетите нации: Анти-дискриминацијата како клучна област во која е потребно унапредување

Комитетот за правата на детето ги објави завршните согледувања за Република Северна Македонија. Мрежата за заштита од дискриминација имаше доставено два извештаи во сенка во областа на дискриминација, со особен фокус на дискриминација на деца со попреченост, Роми и ЛГБТИ млади и учествуваше на пред-сесијата во февруари 2021 година. Во завршните согледувања Комитетот го привлекува вниманието на државата на препораките кои се однесуваат меѓу другото и на недискриминација, насилство врз деца и на унапредување на правата на децата со попреченост.

Комитетот го нотира формирањето на Комисија за спречување и заштита од дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација. Сепак, Комитетот и понатаму е сериозно загрижен за постоењето на стереотипи и општествени норми кои доведуваат до дискриминација врз децата, особено врз децата Роми, децата со попреченост, ЛГБТИ децата и млади што доведува до дискриминација врз основа на социјален статус. Комитетот ја повикува државата:

да обезбеди целосно спроведување на постоечките закони кои забрануваат дискриминација и да ги зајакне кампањите за јавна едукација, промовирање на толеранција, соживот, почитување на различностите, дијалог и вклучување на сите актери, кско и подигање на јавната свест за забрана за дискриминацијата;

да се зајакнат капацитетите и ефективноста на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на агенциите одговорни за примање претставки;

да се зајакне имплементацијата на Стратегијата за еднаквост и недискриминација за периодот 2022-2026 година, обезбедувајќи учество на децата и граѓанското општество во нејзиниот дизајн и следење на нејзината ефикасност;

да се обезбеди истрага на случаи на дискриминација на деца.

Комитетот го поздравува спроведувањето на новиот модел за проценка на попреченоста, базиран на пристап на човекови права, заснован на Меѓународната класификација на функционирање (МКФ)го поздравува донесувањето на Националната стратегија за деинституционализација (2018-2027) и донесувањето на Законот за основно образование како правна основа за вклучување на учениците со попреченост во образовниот систем. Сепак, Комитетот е загрижен, меѓудругото, за:

празнините во собирањето на расчленети податоци за децата со попреченост; 

недоволни финансиски и човечки ресурси за спроведување на Законот за основно образование и моделот за проценка на попреченоста врз основа на МКФ;

недостапноста и несоодветноста на училиштата, зградите, транспортните средства и просториите за деца со попреченост, што ја попречува нивната пристапност;

постоењето на предрасуди кои имаат влијание врз маргинализацијата и дискриминацијата на децата со попреченост при пристапот до здравствени, образовани и услуги за заштита на нивните права.

Комитетот и препорачува на државата да се спроведат мерки за справување со повеќекратната и интерсекциската дискриминација врз децата со попреченост, како и зајакнување на мерките за промовирање на вклучувањето на децата со попреченост во заедницата и обезбедување на нивен еднаков пристап до сите услуги во заедницата, особено културните, спортските и рекреативните активности.

Комитетот исто така изразува загриженост за недоволните системски напори за справување со врсничкото насилство во училиштата, онлајн малтретирањето и насилството врз ЛГБТ младите, децата со попреченост и децата Роми. Исто така, Комитетот препорачува зголемување на пристапот до сексуално образование, односно сеопфатно, соодветно на возраста образование за сексуално и репродуктивно здравје и права, засновано на научни докази, кое вклучува информации за спречување на адолесцентна бременост и за високоризично сексуално однесување, кое пак ги вклучува прашањата на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, планирање на семејството и контрацептивни средства, превенција и третман на сексуално преносливи инфекции.

Мрежата за заштита од дискриминација ги повикува надлежните институции а особено Министертвото за труд и социјална политика сериозно да ги земат предвид препораките на Комитетот за правата на детето и да усвојат соодветни планови и средства за нивно спроведување.

Особено апелираме за итно спроведување на препораките кои постојано се повторуваат во однос на заштитата на децата од дискриминација и насилство.