НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРОТ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Според една теорија во криминалистиката, злосторникот обземен од внатрешни кошмари и стравови, секогаш се враќа на местото на злосторот.

Македонската јавност вчера беше непосреден сведок на еден таков настан. Анонимиот инспиратор и поттикнувач на крвавиот терористички атак во Парламентот на 27. април минатата година, по долго криење и глумење на недолжна жртва, се појави на истата таа сцена во обид да го доврши започнатото грозоморие.

Амбиентот беше речиси идентичен со претходниот: Пред собраниската зграда разбеснета толпа на самопрогласени патриоти, смртни противници на тн албанска Тиранска платформа, внатре повторно неуставниот Талат Џафери, обиколен од комитски четници и пратеници од предавничката партија на Заев, но, овој пат и лично тој Николче Криминалчето, следбеникот на Андон Ќосето, сега без наметната качулка на главата и железен топуз во рацете. Цврсто решен до крај да го спроведе налудничавиот план, да потпали нов оган под барутното буре, во кој ќе бидат пеплосани сите траги од неговото мафијашко владеење.

И, мора да се признае се трудеше и се мачеше кутриот, пред заминувањето на робија, со сите сили да ја одигра својата последна улога на политичката сцена, како смел, решителен и прекален борец за ВМРО-вската кауза, кој што и покрај дезертерствата на своите партиски браќа и сестри, останува доследен до докусурувањето на осакатената држава. Меѓутоа, на општ увид на гледачите, вперените ТВ камери, неговото паташонско дефиле го детектираа во сосема поинакво светло: избезумено и преплашено човече, дезориентирано се тетеравеше околу поставените микрофони барајќи некаков мегдан, со препредениот спикер Џафери, со јасна намера да издејствува прекин на гласaњето за употреба на албанскиот јазик. Притоа, разочаран и понижен што неуставниот спикер не му обрнува никакво внимание, поточно не го ферма ни за сува слива, сета своја храброст и бунтовност ја излеа во една чаша со вода. И, толку! Едночинката со планираниот парламентарен хаос заврши бедно:  фатен под мишки од собраниското обезбедување пред очите на своите сопартијци беше исфрлен како партал од дебатната сала, по што, неговиот двојник Христијан Мицкоски можеше само кисело да констатира дека во Парламентот повторно се случил нов уставен упад. Во меѓувреме надвор стотина македонски спасители неуморно врескаа: – Браќа руси, помогнете ни!

Така, и вториот обид на Николче Криминалчето да го врати историското тркало на балканската калдрма неславно заврши, додека неговите секојдневни судски рандевуа со обвинителката Јанева и натаму продолжуваат во романтичен и привлечен занес!