Најавен граѓански протест за мега скандалот на онкологија: Дали ќе има одговорност?!

Сподели

 

Врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје.

Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник (Фокус), поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело, информираат од ОЈО,

На социјалните мрежи граѓаните масовно споделуваат повик за протест за скандалот на скопска Онкологија, кој деновиве ја тресе македонската јавност.

Протестот ќе се одржи денес во 18 часот, пред Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера побара одговорност и ја поздрави акцијата на ОЈО и МВР.

„Јас лично како премиер на Владата на Република Северна Македонија и политичката партија од која потекнувам, ја поздравувам и поддржувам акцијата која ја спроведува МВР и Јавното обвинителство. Се работи за наводи кои се грозни и коишто не смеат да се случуваат, а за кои наводи сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е прв пат да биде спроведена една ваква, обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Секој криминал има свое име и презиме, има одговорност и задачата на МВР и Јавното обвинителство е да обезбедат докази врз основа на кои ќе бидат идентификувани сторителите, а повторувам, од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и од Владата нема да има никакви интервенции во однос на заштита на било кого, бидејќи се работи за навистина грозни наводи коишто се предмет на истрагата на МВР и Јавното обвинителство“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во врска со акцијата на надлежните институции на Клиниката за онкологија, а по објавените информации во јавноста за можни злоупотреби на клиниката.

Премиерот повика да не се прави сензационализам и напад на сите доктори и сестри во државата бидејќи најголемиот дел од медицинскиот персонал во нашата држава, како што оцени премиерот Ковачевски, се извонредни луѓе, кадри кои се грижат за здравјето на нашето население.
 
„Гледам по медиумите, посебно социјалните медиуми дека се сака да се креира слика за вмешаност само на одредени лица, зависно од нивната припадност. Она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен и затоа повикувам и МВР и обвинителството непречено да ја извршуваат својата работа, да ги идентификуваат можните сторители врз основа на докази и затоа ја имаат нашата целосна поддршка“, нагласи премиерот Ковачевски.