Напад на екипата на НОВА ТВ во Аеродром

Сподели

Екипата на НОВАТВ денеска напладне била нападната од непознато лице додека снимаше на локација кај ТЦ Бисер во скопската населба Аеродром, каде се собираат потписи против наводната изградба на мигрантски кампови.

Како што посведочи новинарката Сашка Цветковска, истото лице, на околу 30 години, прво ја нападнало неа додека снимала со мобилен телефон, неколкупати и ја свиткал раката и барал да престане со снимањето. Откако дошол и снимателот на НОВАТВ кој снимал претходно на друга локација, истиот човек, прво разговарал со девојката, која во изјава за НОВАТВ изјавува дека е организатор, дека е од општина Аеродром и член на ВМРО ДПМНЕ, по што ја удрил камерата и го нападнал и снимателот.

Вториот напад се случил во ТЦ Бисер, на место за кое напаѓачот проценил дека е безбедно и дека никој нема да го види. Но, има сведоци на настанот кои најавуваат дека ќе сведочат за нападот.

Екипата на НОВАТВ случајот го пријави во полиција која направи записник и треба да го идентификува напаѓачот.