Напуштениот простор во Кисела Вода сега е нов зелен парк

Сподели

 

Напуштениот простор во Кисела Вода, лоциран меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга, зад бараките во населбата 11 Октомври, денес е нов зелен парк, на површина од околу 16.000 квадратни метри. На овој простор деновиве се засадени околу 200 висококвалитетни дрвја кои веќе напролет ќе развијат убави крошни чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и ќе го раззеленат овој јавен простор кој до неодамна беше дива депонија.

 

 

Овој простор, кој е во непосредна близина на центарот на нашиот град, со децении беше запуштен и на него се создаваа поголем број депонии со шут и отпад. На почетокот на годинава, екипите на Град Скопје го расчистија просторот, го израмнија теренот и засадија нова трева, а есенва се подигнати нови квалитетни дрвореди.

 

 

Град Скопје продолжува со уредување на местата кои претходно биле диви депонии, а кои сега прераснуваат во мали зелени оази со цел поздрава и поубава животна средина за сите граѓани.

 

 

Град Скопје согласно со новите стандарди на квалитет продолжува со подигнување нови дрвореди од квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри коишто веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот. Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини.