Народна банка откупи девизи за да ги надоплни резервите

Сподели

 

narodna-banka-860x576

Народната банка и во септември и октомври продолжи да откупува девизи и да ги надополнува девизните резерви, наведе банката во соопштението од седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика.

„На девизниот пазар, солидните движења продолжија и во овие месеци, при што веќе четврти месец по ред НБРМ откупува девизи и со тоа ги надополнува девизните резервите. Воедно, првичните септемвриски податоци покажуваат натамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, а има сигнали и за раст на штедењето во домашна валута“, соопшти Централната банка.

Најновите податоци за девизните резерви во септември, според НБРМ, покажуваат висок квартален раст, што произлегува од задолжувањето на државата на меѓународниот финансиски пазар во јули, интервенциите на НБРМ со откуп на девизниот пазар и раст на девизните депозити на банките кај НБРМ.

„Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци за третиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит и нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, се движат во рамки на очекувањата“, оценува НБРМ.

Народната банка и во септември интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи (остварувајќи вкупно 18 милиони евра), а овој тренд продолжува и на почетокот на октомври.

„Со тоа, вкупниот износ на интервенциите за откуп на девизи на Народната банка во текот на летниот период, заклучно со почетокот на октомври, изнесува 91,3 милиони евра, со што се надоместија над 70% од продажбите во периодот на шпекулативниот напад на девизниот курс оваа година. Со високата девизна ликвидност во септември, се овозможи банките и натаму активно да пласираат девизни депозити на подолг рок (6 и 12 месеци), по позитивни стапки, кај Народната банка“, соопшти Централната банка.

НБРМ најави и корекција на економскиот раст за годинава.

„Според објавените податоци за растот на БДП за првата половина од годината, остварувањата се пониски од очекувањата дадени во априлската проекција, што упатува на веројатност за надолна корекција на проектираниот економски раст за целата 2016 година“, неведуваат од НБРМ.