НАЦИЈАТА МЕЃУ РЕАЛНОСТА И ФИКЦИЈАТА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Нациите се конструкт на модерното време и немаат многу врска со минатото. Особено не со подалечното минато. Иако ова тврдење, на многумина празноглави националисти, ќе им се пристори како најобична ерес, сепак сите оние кои и најповршно прочитале нешто за темата на нациите и национализмот од најрелевантните авторитети (Хобсбаум, Андересон, Велер, Хрох…), како и оние кои најпопатно се позанимавале со кредибилна социологија, филозофија, историографија, политикологија, антропологија и на нив сродните научни дисциплини, сосема се начисто дека горното тврдење е вистинито и веродостојно.

Нацијата често се дефинира како општествена заедница која се фундирана: а/ врз уверувањето на своите членови во заедничкото потекло и заедничаката судбина во минатото; б/ врз посебноста на јазикот, религијата, обичаите и симболичките средства за обележување на колективната припадност; в/ чувството за заедничка солидарност и гордост; г/ врз политичката организираност (во опсег од движење за признавање на културната посебност до самостојна држава). Јасно е дека ништо од ова не постоело пред Француската буржоаска револуција. Јасно е дека уверувањето воопшто не е исто што и вистинитоста. Јасно е дека ни јазикот, ни религијата, ни обичаите, ни симболите, ни политичката организација не се екслузивитети што можат да определуваат идентитети. Јасно е дека чувствата на колективна солидарност или гордост се само чувства кои се универзални, а не партикуларни.

Ако сè ова е јасно, тогаш мора да е јасно и тоа дека каква големина и опфат ќе имаат народите и нациите, па дури и какво име ќе носат, не е дадено со никакви објективни или природни критериуми како што се јазикот, територијата, религијата, духот на народот, традицијата, заедничкото потекло, генетиката…, туку, сè тоа е резултат на историските околности и на политичките решенија на едно време. Така е и со македонскиот народ и нација. Токму затоа нациите се сметаат за „политички конструкции“ создадени со помош на националистичките идеологии, митови и движења. Поинаку кажано, сфаќањето оти „народот“ продуцира национализам води кон заблуда. Токму обратно: национализмот е оној кој ја создава стварноста именувана како нација.

Пјер Бурдије е, веројатно, во право кога пишува дека нацијата е само е „мисловна визија“ преку која модерниот свет може мисловно да се раздели на делови и полесно да се анализира и разбере. Нациите се производ на процесите, тие се конструкции во кои наративните елементи имаат улога на кохезивен фактор. Производите на таквите процеси не можат да се сметаат за вечни и непроменливи, како што се обидуваат да ги претстават националистичките идеолошки нарации. Глаголењето за вечноста и непроменливоста, за народот како хомоген елемент на определен простор е само обичен романтизам.

На крајот, мене ми останува само да се обидам да ги потсмирам националистите, и да објаснам: од фактот што нациите се конструкт, не произлегува и дека се фикција. Напротив. Нациите и национализмот се непореклив факт во нашата стварност. Како што е факт и меѓунационалната омраза (националшовинизмот), како што е факт и ксенофобијата кон дојденците (туѓинците); како што се факти и војните и умирањата во нив заради исполнување на националните (националистичките) проекти и корпоративните интереси; како што е факт антикомунитичкиот неолиберализам, кој поправо речено е современ неофашизам, со својот националистички и антикласен идеолошки концепт…

И, на самиот крај, да нема никаква забуна: како што секоја нација во светот е непореклив факт од стварноста, така е и со македонската нација. Автохтоната македонска национална свест има своја историска подлога во сопствениот вековен континуиран развој. Макар низ многу странично предизвикани удари и мноштво на конвулзии и потреси, многубројни агресивни физички и духовни претензии, македонската нација си извојува своја конечна афирмација преку Антифашистичката и националноослободителна војна и конституирањето на првата македонска федеративна република. Постоењето на македонската нација е аподиктичен факт, па околу тоа, воопшто, со никој и никогаш, нема што да се разговара!