Вести Македонија Ударни вести

Никола Димитров за “Та Неа”: Соработката е инвестиција во стабилноста

Сподели:

 

Вицепремиерот и поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за грчкиот весник „Та Неа“ зборува за Преспанскиот договор и билатералните односи Скопје-Атина, како и за европската перспектива на Северна Македонија и регионот. Прашан за важноста на Преспанскиот договор, Димитров истакнува дека е уверен во историското значење на овој договор бидејќи отвори можност за соработка меѓу двете држави, што е инвестиција во стабилноста.

Та Неа: Како го оценувате Преспанскиот договор после три години од потпишувањето?

Димитров: Сѐ уште се сеќавам на денот. Не беше лесно. Но, важно е дека стекнавме еден голем пријател. Ова прашање нѐ влечеше назад. Сметам дека тоа беше тежок товар во односите со една многу важна земја за нас. Ние сме соседи и верувам дека долгорочно е многу важно соседите да ти се пријатели и поддржувачи. Се отклучи нашиот влез во НАТО, што е важно и ѝ дава сила на нашата земја, во еден регион што не е сосема „среден“. Тоа беше и еден чекор кон нашите преговори со ЕУ. Се отвори нова страница за соработка. Сега премиерите Заев и Мицотакис разговараа за големи проекти особено во областа на енергијата. Грција е многу важен трговски партнер и во Северна Македонија имаме големи грчки инвестиции. Уверен сум дека Договорот беше историски. Ќе бидат потребни години со цел да ја увидиме потребната историска дистанца за да го утврдиме неговото историско значење. Но, историјата ќе покаже дека бевме во право. Немам никаква дилема во тоа.

Та Неа: Северна Македонија сѐ уште се бори за влез во ЕУ. Дали постои обединета Европа без Западниот Балкан?

Димитров:  Ќе почнам од крајот. Не мислам дека Европа може да биде обединета без еден регион кој е во рамки на нејзините граници. Луѓето во Западна Европа обично кога зборуваат за Западниот Балкан сметаат дека тоа е регион што се граничи со Европа, но во реалноста тоа е регион што е опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата географија, нашата економија е дел од Европа. И Западниот Балкан и Европа ќе бидат подобри ако знамето на ЕУ го покрие и овој регион. Имаме заеднички интереси во областа на безбедноста и тоа не се ограничува само на безбедноста на Балканот туку и на безбедносните ризици во Европа. Нашиот случај е особено индикативен. Едно дете што се родило во мојата земја, сегашна Северна Македонија,  кога ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација денес има 20 години. Ние сме земја-кандидат 16 години.  Се движиме во вистинскиот правец, сакаме да бидеме динамична европска демократија со просперитетна економија. Инвестиравме време, спроведовме реформи, покажавме посветеност и решителност во решавањето на тешки проблеми и ја издигнавме демократијата. Сето ова, случајот на Северна Македонија претставува тест за ЕУ и ако наскоро немаме позитивен развој ќе се доведе во прашање кредибилитетот на ЕУ.

Та Неа: Што е пречката?

Димитров:  Пречката е со другиот наш сосед што е членка на ЕУ, со Бугарија. Правиме сѐ за да ја надминеме. Она што го научив од Преспанскиот договор е дека преговорите ќе бидат успешни доколку и двата соседи се победници. И мислам дека правиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа и со Бугарија. Имаме разлики. Некои од прашањата што ги поставува Бугарија не се целосно во склад со европските вредности. Јас сум сосема уверен дека ќе има успех и за Северна Македонија и за Бугарија и за ЕУ.

Та Неа: Колку е важна соработката  Грција-Северна Македонија и како може да се зајакне?

Димитров:  Обично кога зборуваме за Преспанскиот договор се мисли на решавањето на проблемот со името. Но, договорот има и друга димензија што се однесува на јакнењето на соработката во сите области.

И тоа беше инвестиција во стабилноста на регионот. Од областа на културата па сѐ до прашања од областа на одбраната и безбедноста. Постои и механизам за реализација, а тоа е Високиот совет за соработка. Правиме чекори. Пандемијата го стави во втор план. Пандемијата направи застој во целиот свет. Но мислам дека има волја за голем успех. Постои позитивна агенда. Треба да продолжиме со тоа што го започнавме. Гледам дека постои голем интерес од грчките компании. Гледаме интерес и од кипарски компании.

Та Неа: Постоеше еден нон-пејпер за промена на границите на Балканот. Како го коментирате?

Димитров: Овој таканаречен нон-пејпер предизвика дискусија што ја сметам за опасна. Визијата за Балканот треба да биде европска каде границите сѐ помалку имаат значење. Сметам дека на регионот не му требаат поголеми држави туку величествени европски демократии и економии. Ваквите агенди јакнат затоа што слабее европската идеја за обединет европски Балкан во обединета Европа. Јас се обидувам да го активирам ѕвоното на опасноста. Време е да се активираме. При секоја посета на Грција се обидувам да научам еден грчки збор. При првите посети беше „пријателство“, потоа „спогодба“, па „спокој (мир)“, па „визија“, а овојпат е „сега“. Сега е време“ да се придвижиме започнувајќи го европскиот  пат на Северна Македонија и Албанија.

Сподели: