Николоски: Ќе ги поддржиме кандидатите на Алијанса за Албанците и Алтернатива

Сподели

 

ИК на ВМРО-ДПМНЕ денес одржа седница на која се дискутираше актуелната ситуација во Македонија поврзана со изборите и одржување на вториот круг на локалните избори, како и за поддршката за места каде ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати.

“ВMРО-ДПМНЕ како партија на народот која ги темели своите вредности и принципи на идеите на македонската револуционерна организација вдахновени во модерните идеи за Македонија како место на заеднички живот, просперитет и напредок преку почитување на принципите на солидарност, слобода и напредок. Свесни дека секој слободен граѓанин на оваа земја е силата на промените кои се неопходни за да има подобра иднина. И свесни дека секој може сам за себе да одлучува.
 
Повикуваме на заедништво, слога и обединување кон заедничката цел на сите без разлика на политичка, етничка, верска или друга припадност. Препорачуваме дека е време за обединување на сите сили кои се против политиките на власта. Силите кои сакаат добро, напредок, сакаат нова подобра иднина и промени, проекти и победи.
 
За таа цел ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална.
 
Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта”, изјави потпреседателот на партијата Александар Николоски.