Норвешка ќе помага во чистењето на линданот во ОХИС

Сподели

Владата потпиша меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги за проекти на ОН (УНОПС) и со министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка преставувано од амбасадорот на Кралството Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за чистење на токсичниот отпад – линдан – во поранешната фабрика ОХИС.

Рашковски изјави дека идната недела ќе се констутираат телата кои ќе бидат управувачки комитет за решавање на овој проблем. Чистењето ќе се одвива на три начини – со биолошка ремидијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство.

– Заедно ќе се третираат двете депонии истовремено и големата и малата. Пресметките се дека чистењето ќе чини помеѓу 40 милиони до 260 милиони евра во зависност кој метод ќе се избере, а тој ќе се избере во зависност од средствата што ќе се соберат преку фондот. Пресметки се дека од три до пет години ќе трае процесот на чистење на двете депонии – рече Рашковски.

Со потпишување на Стокхолмската конвенција, Македонија е обврзана да го реши овој проблем и дека затоа час поскоро мора да се дислоцира отпадот без последици врз околината и врз граѓаните – изјави премиерот Зоран Заев.

Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, потенцираше дека на Норвешка и е чест да и помогне на Македонија да ги заштити своите граѓани од опасноста што ја претставува линданот.

– Се надеваме дека овој фонд, кој ќе почне да функционира денеска ќе помогне за заштита на граѓаните, не само против токсичниот отпад туку и за поквалитетно живеење. Се надеваме дека ова ќе биде едно прашање помалку на кое што Македонија ќе мора да посвети внимание во своите намери за пристап кон ЕУ – вели Бјорнстад.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.