Нов потпорен ѕид во градинката „Кочо Рацин“

Сподели:

Општина Центар реализира голем градежен зафат во објектот „Панорама“ на ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“, каде што во тек е изградба на нов армирано-бетонски потпорен ѕид за стабилизација на земјиштето и спречување на ерозивни процеси.

Новиот потпорен ѕид е проектиран согласно постојната конфигурација на теренот и е поделен на шест одделни кампади, со вкупна висина од 3,20 метри заедно со темелната конструкција. Целата конструкција се изведува од армиран бетон, согласно техничките прописи и стандарди.

Зад потпорниот ѕид ќе биде поставен дренажен слој од дробен камен обвиткан со геотекстил, со цел заштита од ерозија и соодветно одведување на водата. На нивото на темелот се поставува и ПВЦ дренажна цевка со дијаметар од 300 милиметри, преку која ќе се одведуваат подземните и инфилтрираните води зад ѕидот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за сериозен и неопходен градежен зафат, при што уште пред почетокот на работите се преземени сите мерки за безбедност на децата.

„Ова е голем и важен зафат со кој трајно го стабилизираме теренот и создаваме побезбедни услови во градинката. Уште пред да започнат градежните работи, сите деца од објектот „Панорама“ ги префрливме во објектот „Бели Мугри“, каде што непречено продолжија со престојот. Безбедноста на децата за нас секогаш е на прво место и затоа не правиме компромиси кога станува збор за вакви инфраструктурни зафати“, изјави Герасимовски.

Општина Центар продолжува со инвестиции во објектите за згрижување и воспитување на најмладите, со посебен фокус на безбедноста, стабилноста и подобрувањето на условите за престој на децата.

Сподели: