Нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром во летната сезона

Сподели

Нови сезонски дестинации и зголемена фреквенција на постојните релации се предвидени со летниот ред на летање што стапува во сила денеска и ќе трае до 27 октомври годинава.

Со одобрениот ред на летање од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), како што информираат оттаму, авиопревозниците бележат дополнителни 32 лета кон повеќе дестинации до кои и со зимскиот ред вршеа редовен авиопревоз.

Со сегашната мрежа од 38 дестинации на 13 редовни авиокомпании од скопскиот аеродром за патниците се достапни Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Доха, Дортмунд, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Истанбул (со двата аеродрома-Ататурк и Сабиха Гокчен), Љубљана, Лондон, Малме, Малта, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Векше, Венеција, Виена, Варшава, Загреб и Цирих. Овие релациии ги опслужуваат авиокомпаниите: Виз ер, Ер Србија, Катар ервејс, Флај Дубаи, Туркиш ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Адриа ервејс, Чех ерлајнс, Аустриан ерлајнс, ЛОТ Полиш ерлајнс, Кроација ерлајнс, Еделвајз и Германија Флуг АГ.

 Како што најавуваат од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми, покрај редовните линии од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ за Базел, Цирих и Лондон, од ноември годинава Виена ќе биде нова дестинација која ќе ја воведе „Виз ер“ и ќе функционира исто така преку целата година.

Во текот на летната сезона во 2018 година, од април-мај до октомври, ќе има дополнителни сезонски дестинации кон Амстердам, Брисел, Тел Авив, Катовице, Варшава, Талин и Истанбул. Нив ќе ги опслужуваат авиокомпаниите: „Виз Ер“, „Германија Флуг“, „Аркиа, „Брисел ерлајнс“, „Корендон“, „Дач ерлајнс“, „Смол планет ерлајнс“, „Ентер ер“, „Нордика“, „Онур ер“ и„ ТУИ флај“.

На Меѓународниот аеродром Скопје, „ЛОТ Полиш ерлајнс“ ќе влезе на пазарот, со отворање на новата рута Варшава-Скопје-Варшава, почнувајќи од 1 јуни годинава. Варшава ќе биде нова дестинација од скопскиот аеродром, која досега не била опслужувана од македонскиот главен град. Ќе се опслужува шест пати неделно во текот на летото и четири пати неделно во текот на зимската сезона.

– Очекуваме фреквентна сезона на охридскиот аеродром. Ќе имаме четири нови сезонски дестинации: Варшава, Талин, Ајндховен и Истанбул, вели за МИА генералниот извршен директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој.

Полскиот тур-оператор „Рего бис“, кој ги отвори сезонските летови Охрид—Катовице минатата година, најави дека ќе отвори втора дестинација – Варшава, естонската авиокомпанија „Нордика“ ќе почне сезонски летови од Талин до Охрид, холандскиот тур-оператор „ТУИ“, кој веќе лета од Амстердам, ќе ги прошири своите операции во Охрид, воведувајќи го Ајндховен како нова дестинација.

Последна најавена нова дестинација од Охрид во 2018 година е Истанбул. Како што неодамна објави ТАВ ќе биде лансирана од „Онур ер“ во соработка со тур-операторот Татилбудур. – Очекуваме овие летови од Истанбул да бидат не само туристички, туку и добра врска меѓу двете земји од деловен аспект, како и за посети на роднини и пријатели, потенцира Ерсој.

Од ноември 2018, Виз ер ќе воведе нова линија од Охрид до Виена, која ќе се опслужува во текот на целата година.

Од АЦВ информираат дека со новиот ред на летање од два на седум лета неделно ќе се зголеми сообраќањето на „Ер Србија“ на релацијата Белград-Скопје, на „Кроациа ерлајнс“ на релацијата Загреб-Скопје и обратно, како и на „Адриа ервејс“ на релацијата Љубљана-Скопје, Скопје-Љубљана.

– Авиокомпанијата „Еделвејз“, исто така, го зголеми бројот на летови, од два на пет неделно, на релацијата Цирих-Скопје, Скопје-Цирих. „Пеагсус ерлајнс“ со еден лет плус оваа сезона ќе лета од Скопје до Истанбул и обратно, а „Флај Дубаи“ наместо со два оваа сезона ќе оперира со три лета неделно, на релација Дубаи-Скопје и обратно. И „Германија флуг АГ“ го зголеми бројот на летови оваа сезона со по уште еден неделно, на релациите Цирих-Скопје, Скопје-Цирих и Цирих-Охрид, Охрид-Цирих. Со дополнителни девет лета оваа сезона ќе оперира нискобуџетниот апревозник „Виз ер“, наведуваат од АЦВ.

Договорот со кој „Виз ер“ од 2012 година добива субвенции од македонската Влада за нискобуџетни линии, истекува во јуни годинава. Во меѓувреме, ресорното Министерство работи на подготовка на повикот за избор на компанија врз база на, како што потенцираат, јасна и транспарентна постапка.

– За многу скоро време ќе биде објавен јавен повик на кој ќе може да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни компании кои ќе понудат нови дестинации за што ќе добијат поддршка од државата. Моментно се прават анализи околу моделите на финансирање и условите кои ќе бидат дел од тендерската постапка. Нашата интенција е да продолжиме со поддршка на нискобуџетните компаниии. Моментно се разгледуваат сите опции, изјави неодамна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Со Буџетот за 2018 година Министерството за транспорт одвои 1,7 милиони денари за финансиска поддршка за нови дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид.

Новина во текот на летната сезона, на скопскиот аеродром, како што укажуваат од ТАВ, ќе биде и зголемувањето на капацитетот на седиштата на летовите на Виз ер. Имено, од јуни авиопревозникот, ќе го промени типот на еден од своите авиони лоцирани во Скопје, наместо од типот Ербас А 320, кој има 180 седишта, ќе донесе авион од типот Ербас А 321, кој има 320 седишта, или 50 седишта повеќе.

Бројот на патници на двата аеродрома во Скопје и во Охрид во првите два месеца од годинава е зголемен за 20 проценти. Во јануари и февруари годинава преку македонските аеродроми патувале вкупно 286.129 патници, а реализирани се 2.588 летови, што е зголемување од 18 проценти на годишно ниво.

– Во 2018 година проектираме слично зголемување на бројот на патници, како што беше случај и досега, но како што знаете надворешните фактори имаат сериозен ефект врз бројот на патници и на летови. Со сегашната мрежа од 38 дестинации од скопскиот аеродром и моменталното темпо на пораст на побарувачката за воздушниот транспорт, очекуваме дека во текот на есента 2018 година на скопскиот аеродром ќе го дочекаме два милионитиот патник, изјави Ерсој.

ТАВ Македонија ја заврши 2017 година со 2.027.344 патници на скопскиот и на охридскиот аеродром, за 13 проценти повеќе споредено со 2016 година. Вкупниот број летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид лани забележа пораст за седум проценти, достигнувајќи 18.130 летови.