Вести Македонија Ударни вести

Новите амбасадори утре ќе ги претстават платформите

Сподели:

 

Собраниската комисија за надворешна политика за утре закажа седница за претставување на платформите на неколку нови амбасадори на Северна Македонија во странство.

Пред членовите на Комисијата утре е предвидено своите тези за дипломатските активности да ги претстават вонредниот и ополномоштен амбасадор на Северна Македонија во САД Зоран Попов, новиот амбасадор во Канада Агрон Буџаку, амбасадорот на Северна Македонија во Кралството Норвешка Дритон Куќи, како и вонредниот и ополномоштен амбасадор на земјава во Кралството Белгија, Методија Белевски.

МНР во петокот информираше дека во рамки на заокружување на процедурата за упатување на неколку нови амбасадори на Северна Македонија во странство, до Собранието се упатени вкупно пет барања за закажување на седница на Комисијата за надворешна работа за презентација на согледувањата на амбасадорите за односите со државите на приемот.

Kонкретно, барањата се пратени со следната динамика: Агрон Буџаку во Канада, со седиште во Отава (22.03.2022), Евгенија Илиева, Република Словачка, со седиште во Братислава (07.04.2022), Методија Белевски, Кралство Белгија, со седиште во Брисел (01.07.2022), Дритон Кучи, Кралство Норвешка, со седиште во Осло (01.07.2022), Зоран Попов, САД, со седиште во Вашингтон (21.07.2022), сооопшти МНР во петокот.

МНР во петокот исто така изрази очекување, а со цел зајакнување на дипломатско-конзуларната мрежа на Северна Македонија и пополнување на испразнетите амбасадорски места, во најскоро можно време закажување на седницата на Комисијата за надворешна работа, посочувајќи дека „тоа е особено важно во овој важен и чувствителен период за надворешната политика и започнатите процеси – Стратешкиот дијалог со САД и преговорите за полноправно членство со ЕУ“.

МНР информира и дека за тројца амбасадори се добиени агремани и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста и барањето до Собрание за закажување на седница на Комисијата за надворешни работа за нив ќе биде пратена во скоро време, за Виктор Димовски – Франција со седиште во Париз, Агнеза Руси – Бугарија со седиште во Софија, и Јован Манасијевски – Турција, со седиште во Анкара.

Пред попладнево да биде закажана седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, на прашање на МИА од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски одговорија дека „презентирањето на кандидатите за шефови на дипломатско-конзуларни претставништва пред работното тело на Собранието надлежно за надворешна политика, не преставува дел од законски утврдените подготовки пред преземањето на должноста, станува збор за долгогодишна пракса, која има за цел јавноста да се запознае со личноста и нејзините размислувања пред да биде упатена како шеф на некое од нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство“.

– Претседателот Пендаровски ја почитува оваа воспоставена дводецениска пракса. Истовремено, претседателот е информиран за работата на собраниската комисија и очекува Комисијата да свика седница на која ќе бидат презентирани тезите на кандидатите за амбасадори. Доколку тоа не се случи и постои намера за блокада, тогаш одлуките за упатување на амбасадори во странство ќе бидат донесени во согласност со стратешките интереси на Република Северна Македонија, се наведува од Кабинетот на Пендаровски во одговор на прашање на МИА.

Сподели: