Вести Македонија Ударни вести

Обезбедени се 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид

Сподели:

 

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Од нив 68 единици се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 30 дарители, и 59 единици се обезбедени преку стандардно дарување. Инаку, досега над 100 пациенти со Ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус, создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста.
 
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19. Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, согласно протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.
 
Да им помогнеме на лицата кои во моментов се борат со коронавирусот – да донираме ковалесцентна крвна плазма, апелира Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале Ковид-19.
 
Сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19. 
Сподели: