Обвинители од 17 сојузни држави ја тужат администрацијата на Трамп

Сподели

Обвинителите од 17 сојузни американски држави ја тужеа администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, поради спорната имигрантска политика која ги раздвојува децата од семејствата кои илегално влегле во САД, јавува Anadolu Agency (AA).

Меѓу обвинителствата кои подигнаа обвиненија против администрацијата на Трамп се и оние во Њујорк, Калифорнија и Вашингтон.

Во обвинението што го прими судот во Сиетл на 128 страници од текстот се наведува дека политиката на Трамп ги крши уставните одредби за еднаквост, федералните норми за азил и други статутарни прашања во САД.

Државната обвинителка на Њујорк, Барбара Андервуд, во писмено соопштение наведе дека раздвојувањето на децата од родителите претставува нехумано, несовесно и незаконско однесување.

„Подигнавме обвинение за да ја запреме таа практика. Раздвојувањето од родителите и носењето на места оддалечени стотици километри, кај децата предизвикува големи трауми. Таквата практика не е својствена за нашата земја. Нема мирно да гледаме како администрацијата на Трамп го гази нашиот Устав“, порача Андервуд.

Трамп пред неколку дена под притисок на домашната и странска јавност потпиша указ со кој привремено ја запира спорната практика на раздвојување на децата од семејствата кои илегално ја преминале јужната американска граница.

И американскиот Конгрес започна иницијатива за завршување на таа практика.

Американскиот секретар за внатрешна безбедност, Кирстјен Нилсен, претходно соопшти дека американските власти во предвидените комплекси држат речиси 2.000 деца, кои од имигрантските семејства се раздвоени во текот на април и мај оваа година.

Таа изјави дека медиумските извештаи и снимки за лошите услови во кои престојуваат децата не се точни, туку дека им се обезбедени адекватни услови и права.