Обвинителката Русковска не е задоволна од Законот за амнестија

Сподели

Jавната обвинителка Вилма Русковска по завршување на денешното рочиште за насилствата во Собранието на 27. април минатата година, рече дека таа како обвинител кој вложил многу труд и многу работа во предметот, но и како граѓанин не е задоволна од Законот за амнестија.

Рускоска потенцираше дека нема да има преквалификација за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што не важи амнестијата за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

– Како ќе стигнуваат барањата за амнестија, така ќе се одлучува поединечно по истите, со тоа што навистина во Законот е предвидено дека одлуката ја носи судот по претходно прибавено мислење на јавниот обвинител и тоа е добро што е така затоа што е многу подобро отколку комисија да формираа во Собранието, па амнестијата да ја одредуваат тие за кого да важи, а за кого да не важи. Сепак, обвинителот најдобро го знае предметот, а и судот кога ќе се комплетира доказната постапка – изјави Русковска.

Прашана што ќе се случи, доколку одлучи никого да не амнестира, Русковска рече дека не може никого да не амнестира, зашто мора да го почитува законот.

Во однос на нарачателите, појасни дека тие се споменати во Законот за амнестија во делот кој кажува кој нема да потпадне под Законот за амнестија, а тоа се организаторите и нарачателите.

– Тие не спаѓаат во лица кои можат да бидат амнестирани. Тоа е едно исто само се употребуваат различни термини. Јас го употребувам терминот „организатори“, вие „нарачатели“, Собранието употребува друг термин итн. Тие што според Закон мора да бидат амнестирани ќе бидат амнестирани, постапките ќе си продолжат за останатите кои нема да потпаднат под овој закон, изјави Рускоска.

meta.mk