Обвинителството го доби извештајот од увидот на МВР за трагедијата во Тетово

Сподели

 

Денеска, во Основното јавно обвинителство – Тетово пристигна извештајот од извршениот увид од одделот за криминалистичка техника при МВР, 23 дена откако се случи пожарот во модуларната болница во Тетово

Обвинителите ќе го разгледаат и анализираат извештајот, а очекуваат да им пристигнат други извештаи и податоци за кои имаат издадено наредби и насоки.

„Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат“, велат од ОЈО – Тетово.

Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика.

На 10 септември, министерот за здравство, Венко Филипче, и неговиот заменик, Илир Хасани, заедно со двајцата директори на тетовската болница, Артан Етеми и Флорин Бесими, објавија оставки од морални причини. Премиерот Зоран Заев по неколку дена објасни дека не ги прифаќа оставките и дека Филипче, Хасани, Етеми и Бесими и понатаму ќе бидат на функцијата додека не заврши истрагата.