Одложено судењето на Заев за случајот „Поткуп“, неговите адвокати не се појавија

Сподели

15205536_1705274823120955_1387056343_o-860x680

Денешното рочиште за судскиот процес против лидерот на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица, Зоран Заев, за случајот „Поткуп“, е повторно одложено.

Во судницата се појави Заев, но не беа присутни тројцата негови адвокати. Двајца од нив, Филип Медарски и Јаким Наумов, преку свои ополномоштени претставници известија дека поради нивната влошена здравствена состојба не можеле да дојдат на денешното рочиште, додека Ване Андреев тргнал кон Скопје, но имал дефект на возилото кај Радовиш.

За следното рочиште, судијката Дијана Груевска-Илиевска одреди два датуми, 2 и 20 декември. Имено, судијката првично го закажа следното рочиште за 2 декември, но Заев, поради изборната кампања, побара тоа да биде одложено.

– Имајќи предвид дека сум политичар и дека сме во изборна кампања, ако судот има разбирање, дали може судскиот процес да се одложи за 12 декември или за кој било ден по тоа. Јас не сум само во Скопје за време на изборната кампања, туку низ целата земја – рече Заев.

Судијката Груевска-Илиевска на ова одговори дека премногу долго се одлага рочиштето и оти изборната кампања не треба да влијае на работата на судот. Следното рочиште, доколку не се одржи на 2 декември, судијката го закажа за 20 декември.

Лидерот на СДСМ, по завршувањето на рочиштето не сакаше да даде изјава за медиумите.
– Премногу сме присутни во медиумите – рече кратко Заев на заминување.

Изјава не сакаше да даде ниту сведокот во случајот, бизнисменот Иван Николов, кој беше присутен на денешното рочиште.

Инаку, снимателите од телевизиите не беа пуштени да направат кадри во судницата бидејќи, според судијката, немало потреба од снимање затоа што судењето и онака се одложува.

meta.mk