Вести Македонија Ударни вести

Одложено судењето за “Титаник” – првообвинетиот е на пат

Судењето за предметот „Титаник 3“ во кој се обвинети две лица од ДУИ за уништување на изборен материјал е одложено за 27 април.

Причина за одложувањето е неприсуство на првообвинетиот Ејуп Аљими, кој, како што информира неговиот адвокат, како координатор на пратеничката група на ДУИ бил на службено патување во Албанија.

Адвокатот рече дека поканата за посетата Аљими ја примил на  1 март.

 Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи реагираше и рече дека според нејзините сознанија, за координатор на група е секогаш предвидена замена. Побара доказ од адвокатот дека Аљими морал лично, а не некој друг да оди на службениот патување во Албанија.

Аљими бил уредно поканет. Поканата ја примил на 1 март. Знаел за патувањето во Албанија, а не го информирал судот, рече Фетаи.

Оља Ристова претседател на Судечкиот совет го задолжи претседателот на Собранието Талат Џафери и генералниот секретар Цветанка Иванова во рок од 15 дена писмено да го известат судот за евентуални службени патувања и отсуства на Аљими со цел да се планираат судските рочишта.

Во предметот „Титаник 3“, покрај Аљими, обвинет и Исмет Гури, член на Општинската изборна комисија за општина Чаир.

Двајцата се товарат за „уништување изборен материјал“.

Сподели: