ОДЛУЧНО ЗА ПРОМЕНИ: ДОМ и ЛДП ги претставија кандидатите за градоначалници

Сподели

Вечерва во Скопје Граѓанското движење ,,Одлучно за промени”, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП, официјално ја започна изборната кампања за претстојните локални избори претставувајќи ги своите кандидати за градоначалници и советници. На собирот, што се одржа пред платото на Националната опера и балет, според владините здравствени и безбедносни протоколи, учествуваа многубројни членови, поддржувачи и симпатизери на ова граѓанско движење, на кој, меѓу другите, зборуваа претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, претседателот на ЛДП, Горан Милевски, како и кандидатите за градоначалници на Град Скопје, Арбен Бени Шаќири, на Кисела Вода, Ѓулистана Марковска, на општина Куманово, Теодора Димитровска, како и носителите на советничките листи на Скопје, д-р Никола Пановски и на општина Штип, Мартин Каровски.

Целокупниот амбиент и атмосфера, како што нагласија говорниците, даваат надеж дека оваа коалиција има капацитет да донесе одлучни промени на подобро и покажаа енергија што е потребна за да се постигне тоа. Со нови визии, беше речено, треба општините да се изградат во поубави места за живеење, во кои ќе доминираат еколошките вредности и принципи што се неопходни за здрава животна средина и за квалитетен и здрав живот на граѓаните, чии интереси ќе бидат секогаш на преден план.