Одржана јавна расправа за Предлог-законот за оружјето

Сподели:

Во Собранието се одржа јавна расправа на Комисијата за одбрана и безбедност, посветена на Предлог-законот за оружјето, како единствена точка на дневниот ред.

Со донесување на Законот за оружјето ќе се овозможи остварување на законски утврдените цели на Министерството за внатрешни работи. Со предложениот закон се уредуваат условите за набавување, поседување, носење и пренесување, чување, производство, поправање, онеспособување (деактивирање), промет, посредување, трансфер, превоз, претовар и пренесување преку државна граница на оружје, негови делови, главни делови и муниција.

Јавната расправа ја отвори пратеникот Бране Петрушевски, кој ги запозна присутните со основните одредби и целите на Предлог-законот за оружјето. Во своето воведно обраќање, тој истакна дека предложеното законско решение е усогласено со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на националната правна рамка во оваа област.

Помошникот министер за внатрешни работи, Јован Алтанџиев, го образложи Предлог-законот пред членовите на Комисијата и претставниците на засегнатите организации. Во своето излагање тој ја истакна важноста од донесувањето на законот, придобивките што се очекуваат од неговата примена, како и потребата од усвојување современо и ефикасно законско решение. Притоа, повика на широка и инклузивна дебата со цел да се дојде до најквалитетно законско решение кое успешно ќе се имплементира во пракса.

По неговото обраќање, свои излагања имаа претставниците на присутните организации и институции, кои изнесоа мислења, предлози и забелешки насочени кон дополнително унапредување на текстот на Предлог-законот.

Сподели: