На јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ претставата „Страв и надеж“ е добитник на две награди.
Во жири-комисијата беше Снежана Коневски-Руси, актерка, која активно работи како режисер, педагог и уметнички координатор на многубројни театарски, едукативни и културни проекти и претседател на жирито; Дарко Лукиќ – академски истражувач, педагог, консултант и театарски практичар од Хрватска; Аида Буквиќ – театарска и филмска режисерка и редовна професорка на Академијата за драмска уметност во Загреб, ги додели наградите: Главната награда ГРАН ПРИ за уметничко остварување во целина како и за најдобра музика во претставата за композиторката, Ирена Поповиќ-Драговиќ.

Македонскиот народен театар со претставата „Страв и надеж“, по мотивите на Франц Ксавер Крец, а во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, на 10 јуни учествуваше во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.
Во претставата игра извонредна актерска екипа: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.
Во чест на наградените ќе се одигра претставата „Црно злато“ по текст на нашиот култен драматург, Дејан Дуковски, а во продукција на Београдско драмско позориште.
Фотографиите се превземени од архивата на МТФ Војдан Чернодрински и од архивата на НУ МНТ.


