Вести Македонија Ударни вести

Оглас за мобилна апликација за споделување превоз за намалување на загаденоста

Сподели:

 

Град Скопје планира да воведе апликација за мобилни телефони за оперативните системи Андроид и ИОС, со која скопјани ќе може да се организираат и да се договараат за заеднички превоз со автомобил, како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот.

Огласот за изработувач на апликациите е распишан во петокот, планирани се верзии на македонски и албански јазик, а според проценките, за тоа би се потрошиле вкупно 5.000 евра.

Според замислата, скопјани преку апликацијата би се договарале да се превезат до некое место со автомобил во кој има слободни места, за да се намали сообраќањето на автомобили, а со тоа и количеството испуштени гасови и загадувачки честички од ауспусите.

Во огласот се бара апликацијата да има можност за креирање на профил на корисникот или логирање преку Фејсбук, можност за внесување на рутата, деновите и времето кога ја вози или патува на рутата, можност за поврзување на корисникот во зависност од тоа дали е пријавен како возач или како патник со сите корисници кои ја возат или патуваат на таа рута.

Исто така, апликацијата треба да има ГПС лоцирање на корисникот и можност за прикажување на сите други рути на кои има регистрирано корисници и можност за бирање на рутата во било кое време, можност за избор на возач или патник во било кое време, овозможување комуникација за корисниците на групата, можност за откажување на рута како возач или место како патник, како и известување за затворени улици и булевари.

Сподели: