Вести Македонија Ударни вести

ОЈО поднесе oбвинителен предлог против новинарот Љупчо Златев

 

Главниот и одговорен уредник на порталот „Лидер“, Љупчо Златев обвинет е дека објавил текст во кој изнел податоци од УБК, сегашна Агенција за национална безбедност (АНБ), до кои дошол на противправен начин.

Според обвинителството, станува збор за информации кои според внатрешните прописи на АНБ се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за Агенцијата.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во текот на првата половина на јули, како главен и одговорен уредник на интернет портал, обвинетиот направил достапни на јавноста податоци од Управата за безбедност и контраразузнавање, сегашна Агенција за национална безбедност, до кои дошол на противправен начин. Според внатрешните прописи на Агенцијата, објавените информации се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за Агенцијата национална безбедност.

Имено, на 9 јули на интернет порталот и на Фејсбук страницата на тој интернет портал, обвинетиот објавил текст со наслов: „Скандалозни документи од Управата за безбедност и контраразунавање: Синот отстранет од Агенцијата за национална безбедност, затоа што таткото протестирал против промена на името“. На 12 јули, пак, на интернет порталот тој објавил текст со наслов: „(Видео) Христовски: Мојот син е жртва, исклучен од Агенцијата за национална безбедност затоа што УБК ме следела како терорист“. Во двата текста обвинетиот на јавноста и сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање – акти од оперативна проверка на лице, кои претставуваат класифицирани информации – соопштуваат од Јавното обвинителство.

Според Златев ова обвинение е класичен удар врз политичките слободи на граѓаните.

Сподели: