МНР: ОН ДА НАЈДЕ СЕОПФАТНО РЕШЕНИЕ ЗА БЕГАЛСКАТА КРИЗА

Сподели

atina-begalci

Република Македонија посветено работи на проблематиката за справување со мигрантската криза, притоа обезбедувајќи хуман третман, согласно националните закони и меѓународните конвенции за заштита на човековите права, стои во реакцијата на македонското Министерство за надворешни работи откако високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Рад ал Хусеин вчера ги критикуваше властите на Македонија за систематската политика на протерување и на затворање на мигрантите.

„Би ги охрабриле институциите кои се задолжени да даваат оценки за ограничени аспекти на комплексната криза со која се соочува континентот да се ангажираат во формулирањето на сеопфатни решенија. Секако, тоа е многу потешко, но, така можеби би се избегнале стапиците да се става во фокус само една земја или да се третира само еден аспект од еден многу комплексен феномен“, стои во реакцијата на МНР.

Од министерството истакнуваат дека низ Македонија поминаа над милион мигранти, за чиј трансфер биле искористени огромен дел од македонските капацитети за менаџирање на процесот, кој се спроведувал и се уште се спроведува со помош од пријателски држави на земјата, невладиниот сектор и меѓународните организации.

Во реакцијата се наведува дека во неколку наврати било потенцирано дека Република Македонија се соочува со потешкотии во изнаоѓањето соодветен баланс помеѓу одржувањето на редот и безбедноста во државата и осигурувањето на човековите права на мигрантите кои се нејзината територија. Сепак, се истакнува дека во текот на кризата Македонија се покажа како кредибилен и одговорен партнер на Европската унија и меѓународните организации.

„Република Македонија дава максимални напори во справувањето со оваа комплексна ситуација, притоа прилагодувајќи се на потребите на настанатата ситуација во насока на пружање соодветен третман на мигрантите на своја територија. И во иднина ќе продолжиме со максимални напори да го спроведуваме почитувањето на човековите права на сите граѓани подеднакво, со посебен фокус на обезбедување минимум соодветни услови на мигрантите кои се наоѓаат во нашата држава или транзитираат низ Република Македонија“, стои во реакцијата.

meta.mk