ОН: Производството на опиум во Авганистан достигна рекордно ниво

Сподели

Од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) велат дека производството на опиум во Авганистан забележа пораст од 63 отсто и достигна рекордно ниво, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во последниот извештај на UNODC се наведува дека зголемувањето на производството и шверцот на опиум повеќе ќе ја поттикне нестабилноста во земјата, и оти ќе ги зголеми финансиите на терористичките групи.

Според овој извештај, производството на опиум минатата година во Авганистан забележа пораст од 63 отсто, со што производството на ова наркотично средство достигна рекордно ниво.

Се истакнува дека производството на опиум се врши на површина од околу 328.000 хектари, и дека со опиумот произведен во 2017 година може да се произведе од 550.000 до 900.000 тони хероин.

Во извештајот се вели дека заработувачката од горенаведеното ниво на производство на опиум е помеѓу 4,1 до 6,6 милијарди долари. Според тоа, заработувачката од производство на опиум е поголема од заработувачката остварена од легален извоз на други стоки и услуги.

Како што се наведува во извештајот, опиум се произведува во повеќе од една третина од селата во западниот и северниот дел на Авганистан, во над 50 отсто од селата во источниот дел на земјата, и во 85 отсто од подрачјата во јужниот дел на земјата.

Се нагласува дека авганистанскиот народ се соочува со економски проблеми, поради што околу 354.000 лица работат во производството на опиум.