Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), му додели лиценца на „ОНЕ Македонија“, подружница на унгарската 4iG Групација, за трет мобилен оператор во Македонија.
„ОНЕ Македонија“ во прво време ќе функционира на подрачјето на Скопје, а потоа ќе се прошири низ целата држава. Ќе се користи мрежата на постојните два оператора додека да изгради сопствена независна мрежа, изјави претседателот на одборот на директори на „Оне Македонија“ Пал Заранди.
Компанијата планира да инвестира до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, вклучително и во инфраструктура, отворање нови работни места, обуки, како и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.
Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Директорот на Агенција за електронски комуникации (АЕК), Јетон Акику, истакна дека доделувањето на лиценцата денес претставува клучен момент во дигиталниот развој на Северна Македонија.
„Го отвораме пазарот за нова конкуренција, притоа целосно усогласени со европските стандарди. ОНЕ Македонијавнесува нова динамика и сериозна стратешка посветеност. Веруваме дека овој чекор ќе придонесе за подобри услуги, многу иновации и побезбедна инфраструктура за граѓаните,“ рече Акику.


