ДУИ: Даночните политики на Владата ги ограбуваат граѓаните

Сподели:

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради неправедните и репресивни даночни политики на актуелната влада, кои директно ги погодуваат граѓаните, особено оние кои работеле надвор од државата во тешки и ризични услови.

Протестите пред Управата за јавни приходи се јасен доказ за институционален неуспех и за слепа даночна политика, која преку ретроактивни даноци им наметнува неправеден финансиски товар на граѓаните што со години ја обезбедувале егзистенцијата на своите семејства и придонесувале за економијата на државата.

Неприфатливо е граѓани кои работеле во меѓународни мисии во Ирак, Авганистан, како и во други земји, често ризикувајќи го сопствениот живот, денес да се третираат како средство за полнење на државната каса. Уште поскандалозно е непризнавањето на статусот на нерезидентен даночен обврзник, и покрај јасните законски докази и фактот дека мнозинството од нив престојувале повеќе од 183 дена надвор од државата.

Владата, преку Управата за јавни приходи, создава правна несигурност, го игнорира законот и го претвора оданочувањето во средство за казнување. Граѓаните не се против даноците, туку против ограбувањето, неправедните и ретроактивните одлуки што го нарушуваат нивното достоинство и економска сигурност.

Демократската унија за интеграција бара:

– итно укинување на даночните решенија со ретроактивно дејство

– целосно признавање на документацијата за статусот на нерезидент и

– транспарентност и институционална јасност.

Владата мора да престане да применува политики што ги ограбуваат граѓаните и да сфати дека државата не се гради со казнување на оние што жртвувале.

Демократската унија за интеграција ќе продолжи да биде гласот на граѓаните и да се спротивставува на секоја политика што ја нарушува социјалната правда и човечкото достоинство.

Сподели: