Општина К.Паланка бара кризна состојба за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот

Сподели:

Општина Крива Паланка бара од Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток. Барањето, кое на денешната прес-конференција го образложи градоначалникот Сашко Митовски, произлегува од заклучоците на Општинскиот кризен штаб и оцената дека надлежните институции немаат доволно капацитети самостојно да се справат со проблем од ваков обем.

На прес-конференцијата присуствуваа многубројни граѓани, меѓу кои и сограѓани што претрпеле штети од добитокот. Нивното присуство беше јасен повик за итно институционално постапување и заштита на нивната безбедност, имот и труд.

„Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети“, порача Митовски.

Според информациите изнесени на Општинскиот кризен штаб, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината, вклучително и низ централното градско подрачје. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини и се загрозува безбедноста во сообраќајот.

За справување со состојбата се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните. Општината бара координирана интервенција на надлежните институции, со јасен оперативен план, активности по денови, прецизни задолженија и утврдена одговорност.

Планот треба да опфати организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки за спречување на повторувањето на проблемот.

На прес-конференцијата беше посочено дека од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство се доставени стотици пријави и иницијативи. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а собрани се докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.

Градоначалникот истакна дека правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени уште во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост, додека досегашните делумни интервенции не обезбедиле трајно решение.

Беше отворено и прашањето за здравствената состојба и благосостојбата на животните, со барање надлежните институции да одговорат кој го следи добитокот за кој се донесени решенија за одземање, кога се извршени последните ветеринарни прегледи и дали се проценети здравствените и епидемиолошките ризици.

„Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота“, порача Митовски до Владата.

Општина Крива Паланка останува со своите сограѓани во барањето за итно и трајно решение. Заштитата на нивната безбедност, имот и труд бара конкретни мерки, координирано постапување и целосно спроведување на донесените решенија.

Сподели: