Во период од 19 до 26 октомври, Општина Карпош и Град Скопје, спроведоа заедничка инспекциска акција на целата територија на Општината. Целта беше да се постигне комунален ред и хигиена на јавните површини, со примена на засилена контрола на терен од страна на комунални инспектори. Акцијата беше реализирана со полн капацитет на инспекциските служби од двете институции, а Општината беше поделена на пет реони од кој секој реон беше предмет на контрола во две смени.
Во текот на вчерашниот ден, акцијата заврши со целосна контрола на територија на Бардовци и Злокуќани, каде што беше спроведено и чистење на јавни површини, диви депонии, а беа изречени и повеќе прекршочни платни налози.
Во акцијата учествуваа вкупно 45 инспектори и комунални редари од двете институции и тоа: девет комунални инспектори, 17 комунални редари, еден градежен иснпектор, шест инспектори за животна средина, двајца инспектори за патишта, двајца инспектори за сообраќај, двајца инспектори за комунални такси, еден инспектор за данок, тројца инспектори за спорт и двајца инспектори за туризам, како и службата за одржување на хигиена на јавните површини од Општина Карпош.
Во текот на акцијата се вршеа целосни и детални контроли во рамки на надлежностите на инспекциските служби. Во одредени случаи, беше побарана и теренска придружба од униформирани полициски службеници од ПС Карпош.
Во рамки на еднонеделната инспекциска акција, утврдени се низа неправилности: Комуналната инспекција – комунални инспектори извршија 192 инспекциски надзори, донесени се 19 решенија за одстранување недостатоци, изречени се 34 опомени, изречени се 42 глоби за физички лица и изречени се 27 глоби за правни лица.
Инспекција за животна средина изврши 90 инспекциски надзори, издадени се 15 покани за присуство на странка, донесени се 17 решенија за одстранување недостатоци, издадени се 32 опомени за правилно селектирање на отпад, изречена е една глоба.
Инспекцијата за туризам изврши 15 инспекциски надзори, изречени се седум глоби, издадено е едно решение за одстранување недостатоци, изречени се две усни опомени.
Инспекцијата за спорт изврши 21 инспекциски надзор, изречени се четири глоби, издадени се шест решенија за задолжување.
Комуналната инспекција – комунални редари изврш 231 надзор, изречени се 134 глоби.
Инспекцијата за патишта изврши 39 инспекциски надзори.
Инспекцијата за комунални такси и данок на имот изврши 41 инспекциски надзор.
Инспекцијата за сообраќај изврши 80 инспекциски надзори, одземени се пет сообраќајни дозволи, издадени се пет решенија.
Градежната инспекција изврши 29 инспекциски надзори, издадени се пет покани за присуство на странка, изречени се 15 усни опомени, по кои надзираните субјекти постапили веднаш.
Општина Карпош и Град Скопје продолжуваат со засилено и координирано делување на терен и во наредниот период, а посебен акцент ќе се стави во УЗ Злокуќани.
Локалната самоуправа апелира до своите граѓани и правни субјекти, да ги почитуваат законските обврски, како и правилно да го одлагаат и селектираат отпадот.


