Општина Куманово: Прес-конференцијата не ја организиравме ние туку Владата

Сподели

 

На 18 април, 2020 година, Здружението на новинарите на Македонија објави соопштение во кое се произнесе за правата на новинарите и медиумските работници и за состојбата на медиумите за време на пандемијата со коронавирусот. Во дел од соопштението се дава осврт за прес-конференцијата одржана во Куманово каде присуствувал градоначалникот на Куманово, за кој подоцна се утврди дека е позитивен на коронавирусот.

Во своето соопштение ЗНМ напиша: „Сакаме да упатиме критика за последната прес-конференција организирана во Куманово од страна на градоначалникот. Според нашите колеги, таа била организирана во затворен простор со присуство на повеќе соговорници, новинари и медиумски работници, кои имале меѓу себе физички контакт. Потоа се укажа дека градоначалникот бил заразен од COVID-19, со што нашите колеги директно биле изложени на здравствен ризик“.

 

 

 

На овој дел од соопштението Општина Куманово достави демант до ЗНМ во кој се вели дека: „Локалната самоуправа не е организатор на пресот во Куманово, туку Владата на Република Северна Македонија (за тоа постојат докази во комуникација и покани до медиумите)“.

Со цел да се избегнуваат шпекулации во јавноста, но и да не се префрла вината од централна и локална власт за овој инцидент, Здружението на новинарите на Македонија ја повикува Владата да објасни чија е одговорноста за пропустот во организацијата на прес-конференцијата во Куманово. Според објавените фотографии се гледа дека не биле запазени препораките за физичка дистанца, со што присутните новинари и медиумски работници се доведеле во опасност при вршење на својата работа.