Општина Центар ја отплати последната рата од кредитот за катната гаража „Судска Палата“

Сподели

 

Општина Центар ја отплати последната рата од кредитот подигнат за изградба на катната гаража „Судска Палата“, спроти комплексот факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, до зградата на МРТВ.

Кредитот за изградба на катната гаража бил подигнат во 2011-тата година, од страна на тогашното општинско раководство и изнесувал вкупно 2.535.000 евра, односно околу 156.200.000 денари, информираат од Општина Центар.

Со кредитот се финасирала изградбата на катната гаража „Судска Палата“, која заврши кон крајот на 2012-та година и во моментов, во склоп на гаражата се наоѓаат и административните простории на општинското јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.

Подигнатиот кредит имаше рок на отплата од 10 години, со грејс период од 2 години, а Општина Центар редовно ги сервисираше сите рати, во квартални или тримесечни исплати, во согласност со договорот.

Отплаќањето на последната рата од кредитот за изградбата на катната гаража „Судска Палата“ е уште една потврда за економското и ефикасно работење на општинското раководство, за што говори полната сметка и одличната финансиска кондиција на Општина Центар.

Од преземањето на функцијата градоначалник од страна на Саша Богдановиќ и новото општинско раководство, раздолжени се над 2.000.000 евра заостанати општински долгови и општинската каса е полна.

Од 2019-та година до моментов, во Буџетот на Општина Центар се слеале над 4.000.000 евра, средства кои општината ги наплатила по разни основи, судски пресуди, договорни казни и активирање на банкарски гаранции, сооптуваат од општината.