Вести Македонија

Општина Центар започна исплата на еднократната парична помош за новороденчиња

Сподели:

 

Во пресрет на новогодишните празници Општина Центар ја започна исплатата на еднократната парична помош за новороденчиња. Денеска градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски од ООУ „Киро Глигоров“ врачи 97 решенија за доделување парична помош за принова во семејствата во вредност од 7.000 денари.

 

 

„Доаѓањето на новите членови во семејството се најголема радост и животно исполнување. Грижата за нив е приоритет на секое семејство и токму таа грижа значи здраво, среќно, исполнето и безгрижно детство. На мое задоволство денеска ги доделуваме решенијата за еднократна парична помош за најмладите Центарци. Покрај овие средства, новите родители добиваат и пакет производи и услуги од општествено одговорните компании Еурофарм, Хип, Веледа и педијатриски услуги од ПЗУ Жан Митрев. Меѓу нашите пријатели се вклучува и Црвениот Крст кој исто така преку општествена одговорна компанија доделува кенгурчиња за првите прошетки на најмалите“, изјави Герасимовски.

 

 

Градоначалникот на Центар на компаниите им упати огромна благодарност поради тоа што во услови на економска криза останале посветени на грижата и наклонетоста за најмладите. Тој порача дека преку подарувањето на услугите општествено одговорните компании покажуваат висока свест за потребите на своите потрошувачи што според Герасимовски е за поздрав.

 

 

Општина Центар во оваа прилика додели 97 решенија за еднократна парична помош за новороденчиња и исплатата на овие средства е веќе во тек. Од почетокот на годината до сега општината има доделено 309 решенија и исплатено 2.403.402 денари вклучувајќи ги сите решенија.

Општина Центар ги поттикнува родителите на новороденчиња да го користат правото за користење на парична помош со поднесување на барање и потребната документација најдоцна до наполнување на шестиот месец на новороденчето.

Сподели: