Вести Македонија Ударни вести

Орка Холдинг и Аџибадем Систина со донација од 325.000 евра за справување со коронавирусот

 

Компанијата “Орка Холдинг” како компанија која 30 години е дел и значаен столб од економскиот систем на државата и Клиничката Болница “Аџибадем Систина”, која 19 години е врвен лидер во здравството, со низа превземени активности, ставија на располагање бројни медицински и сместувачки капацитети, кадар и  медицинска опрема. Оваа помош и поддршка е ставена на располагање на граѓаните и на Кризниот штаб на Владата на нашата земја со цел справување со новонастанатата состојба предизвикана од глобалната пандемија на вирусот Ковид -19.

Отсутни од работа се многу наши вработени бидејќи се наоѓаат во групите на граѓани кои согласно препораките на институциите треба да останат дома. Само во Клиничката Болница Аџибадем Систина отсутни се 400 вработени, и како и многу други компании во оваа ситуација, се наоѓаме во рестриктивни услови. Во услови кога се прави реорганизација на работењето со цел да се задржи квалитетот и ефикасноста на истото, ние ја нудиме целата наша помош и поддршка бидејќи постои момент во кој сите знаеме дека нема простор за компромис.

Кога за животот се работи, кога се работи за здравјето на луѓето не постои компромис и цена.

Како дел од понудената помош Клиничката Болница “Аџибадем Систина” и “Орка Холдинг” целосно ги отстапија капацитетите на хотелите Ibis Skopje City Center и Ibis Styles за лица кои треба да поминат 14 дена во изолација. Капацитетите на Ibis Styles се веќе целосно исполнети, а првата група на лица е веќе пристигната и во хотелот Ibis Skopje City Center. Иницијално се очекува до 31.05.2020 да има 5 ротации на лица кои ќе биде потребно да поминат 14 дена во изолација, со што вкупниот број би достигнал 1030 лица,односно, бројот на поминати ноќи во овие објекти ќе биде 14,430.

“Орка Холдинг” и “Аџибадем Систина”, одвоија фонд од 20.000.000 денари или 325.000 евра од кои 315.000 евра за подмирување на трошоците за престој на овие лица како и за заштитни средства, дезинфекција, заштитна опрема, фиксни трошоци, медицинска поддршка од КБ Аџибадем Систина и плати на ангажираните лица кои целиот период ќе работат во карантинските центри, 70 дена. Договорот е склучен помеѓу Владата на РСМ и фирмите “ОК Хотел” и “Орка Хотел”.

Од овие средства, 10.000 евра беа издвоени за заштитна опрема, односно, заштитни маски, одела и ракавици за СВР Скопје и Здравствените установи во Дебар.

Компаниите „Жито Полог” и „Здравје Радово”, кои се дел од нашата групација, и произведуваат основни прехрамбени производи нема да ги зголемат цените на своите производи во однос на 1.1.2020 година. Истовремено, потврдуваме дека двете компании работат со непречено производство и со полн капацитет. „Жито Полог” месечно работи со полн капацитет и произведува 1500 тони на брашно Тип400 и Тип500 како и 600 тони сточно брашно и моментално има залиха на пченица сосема доволна за следните 4 месеци.

Млекарата „Здравје Радово” која произведува 150 тони месечно кашкавал и сирење исто така работи во полн капацитет, и моментално има залихи доволни за 6 месеци.

Би сакале да изразиме и огромна благодарност на сите наши работени вклучувајќи ги и здравствените работници кои целосно ја разбираат нужноста на ситуацијата и безусловно ги прифаќаат сите нови задачи и активности. Неизмерно ги почитуваме и веруваме во сите наши вработени, повеќе од 2500 лица кои се дел од Орка Холдинг групацијата. Нашето искуство овие 30 години сведочи за многу предизвици кои сме ги поминале заедно со нив и веруваме дека и овој нов, голем предизвик што е пред нас ќе биде поминат без никакви дополнителни последици.

Во овие моменти кога сите наши мисли и напори се насочени само кон едно нешто, она од кое нема повредно – здравјето на сите нас, здравјето на сите наши граѓани Ве замолуваме и апелираме да ги почитувате сите мерки од надлежните институции, да бидете одговорни да имате висока свест и да се грижите за вашето и здравјето на другите.

Во крајно предизвикувачки услови, кога сите ние се соочуваме со нешто целосно непознато и кога нашето нормално секојдневие одеднаш добива сосема друга димензија, кога неизвесноста и стравот не можеме да ги оставиме пред затворените врати единственото кое е наша должност, обврска и желба да направиме е да ја предводиме оваа борба, да вложиме човечки и надчовечки напори оваа ситуација да ја направиме моментално поприфатлива, а нејзиниот краен исход од неа, подобар за сите нас” – се наведува во соопштението на „Орка Холдинг” .

 

 

Сподели: