Османи: Бројот на попишани надмина 60.000 граѓани во дијаспората

Сподели

 

На денешната прес-конференција, министерот Бујар Османи информираше дека попишувањето на дипломатијата завршува денеска, но продолжува во дијаспората.

Бројот на наши попишани граѓани кои живеат во дијаспората надмина 60.000, а најмногу попишани има во Швајцарија 16.000, Германија, 10.000, Италија со 6.000. Најмал одзив има во САД, Канада и Австралија, што според Османи, не може да се оцени кои се причините.

„Можеби се работи за далечината и недоволното информации. Но, најважно е овој период да се искористи, информациите да стигнат до нив и да се информираат дека процесот на попишување е лесен и не одзема повеќе од 15 минути време. Постојат повеќе причини за степенот на заинтересираност за попишување, рано е да се констатира дека тој е слаб. Има уште 35 дена граѓаните од дијаспората да се попишат и уште 30 дена нивни познаници да ги попишат, ако имаат податоци за нив,“ рече Османи.

Во однос на проблемите со попишувањето, а се поврзани со внесувањето на матичниот број од страна на граѓаните кои живеат во дијаспората, Османи потенцираше дека најчестата грешка се правела кога се внесувала државата. Имено, како држава треба да се наведе Република Северна Македонија, а не државата каде што живеат. Ако се наведе името на државата каде што живеат, тогаш матичниот број не кореспондира, туку треба да се внесе името Република Сееверна Македонија.

Министерот за надворешни работи оцени дека нема информации за тоа дали дел од дијаспората го бојкотира пописот, како резултат на повикот на опозицијата, но тоа не може да се исклучи. Бидејќи, како што рече, не може секој наш граѓанин лично да биде контактиран за да се попише.

Тој уште еднаш потенцираше дека најважно е информацијата за пописот и неговата важност да стигне до тие граѓани, бидејќи врз основа на бројките, ќе се димензионираат услугите за нив во конзуларните претставништва, но и ќе се креираат политики за нивно враќање назад.