Османи до Кулеба: ОБСЕ може да направи многу за време на војна, но уште повеќе за време на мир

Сподели

 

Украина и заштитата на украинскиот народ како приоритет на ОБСЕ, конкретните активности кои ОБСЕ Програмата за поддршка на Украина ги презема на терен, состојбата на тројцата припадници на ОБСЕ кои се во затвор во Доњецк и во Луганск беа дел од темите на средбата на Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Османи и Кулеба на средбата во Киев разговараа и за што може ОБСЕ дополнително да направи за поддршка на земјата која се соочува со руската воена агресија. По средбата, на заедничката прес-конференција, Османи истакна:

„Во јануари, за време на мојата прва посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ, реков дека вашата храброст и пожртвуваност ја заслужуваат нашата најголема почит. Инспириран од вашата издржливост, денес сум уверен дека ќе победите. Украина ќе победи“.

Османи додаде дека Програмата за поддршка на Украина, финансирана од донатори, а која се спроведува од ноември 2022 година, ќе продолжи да и помага на Украина, преку имплементација на проекти приспособени на нејзините специфични потреби.

„Овие проекти ќе помогнат да се решат последиците од војната и исто така да ги поддржат долгорочните реформски напори на Украина и потребите на нејзините граѓани. Често кажувам, ОБСЕ може да направи многу за време на војна, но уште повеќе за време на мир што е наш клучен приоритет во Украина“, рече Османи.

Османи потенцираше дека и покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, нарушувањето на нејзините основни принципи предизвикани од воената агресија на Руската Федерација , ОБСЕ е отпорна и ќе продолжи да се придржува до основните вредности со поддршка од останатите земји-учеснички.

„Како Претседавач со ОБСЕ, продолжив да ја повикувам Русија да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, повторно да се посвети на принципите и вредностите на ОБСЕ.  Продолжувањето на оваа војна не само што ги уништува животите, домовите и надежите на луѓето од Украина, туку создава и состојба на нестабилност и неизвесност низ поширокиот регион на ОБСЕ“, потенцираше Османи.

Украина останува централен приоритет за Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, рече Османи,а состојбата во Украина ќе биде и една од главните теми на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржува во декември во Скопје.