Вести Македонија Ударни вести

“Пакомак” подготвува машина за конвертирање пластика и лименки

 

За секое собрано шише или лименка, доколку ги стават во машината, граѓаните ќе добијат „зелени поени“ кои потоа може да ги користат за плаќање услуги (купување билети за јавен превоз, театар, Филхармонија) или во маркети.

 

 

Во октомври годинава треба да биде готов прототипот, а во јули 2021-ва и финалната верзија на вендинг машината за конвертирање пластична амбалажа и лименки што ја изработува „Пакомак“ во соработка со Електротехничкиот факултет – Скопје и финансиската поддршка од Фондот за иновации.

Машината ќе има повеќекратен бенефит, но клучна придобивка ќе биде заштитата на животната средина. За секое собрано шише или лименка, доколку ги стават во машината, граѓаните ќе добијат „зелени поени“ кои потоа може да ги користат за плаќање услуги (купување билети за јавен превоз, театар, Филхармонија) или во маркети.

– До половина сме со развојот на машината која ќе придонесе многу за собирање чиста пластична амбалажа и лименки. Всушност, секој граѓанин ќе може да пушти шишиња и лименки во машината, а потоа, преку апликација на мобилен телефон да наполни поени кои ќе може да ги користи за плаќање услуги, јавен превоз, театар, Филхармонија, супер маркет или ќе му се намали сметката за комунален отпад, соопштија од „Пакомак“ – компанијата што денеска ја посетија вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Според менаџментот на „Пакомак“, ќе постојат многу начини за искористување на поените од собраната амбалажа, но за почеток ќе се оди со две опции, а потоа на грашаните ќе им бидат понудени околу 20.

– Оваа машина ќе биде модерно, современо решение, конкурентно на пазарот, кое ќе го понудиме во соседните земји со што ќе придонесеме во извозот на домашна технологија – истакнаа од „Пакомак“.

Според вицепремиерката Царовска и директорот Деспотовски, ова е уште еден доказ дека владините политики за поддршка на реалниот сектор се исправни и даваат резултат.

– Покажавме дека вложуваме во реалниот сектор. Не само што ја развиваме економијата, туку со ваков тип на иновации добиваме и повисоко платени работни места – истакна Царовска, додавајќи дека рециклирањето кое важи за еден од европските стандарди може да стане наше секојдневие.

Царовска повтори дека ФИТР води грижа и за родовиот баланс – 33 отсто од компаниите подржани преку Фондот се основани или раководени од жени иако овој процент, секако, треба да е зголеми.

Деспотовски предочи дека „Пакомак“ е една од 430 домашни компании кои искористија средства од ФИТР во изминативе три години. За 70 пати, рече директорот, е зголемен обемот на финансирање во изминатите три години, а тоа покажува дека економијата има потреба од поддршка, но и дека Владата со навремени и добро подготвени емрки излегува во пресрет.

– Обемот на финансирање за сите овие 430 компании е над 72 милиони евра во кои државата учествува со 55 отсто. Останатите 30 милиони евра се обезбедени од компаниите. Согласно анализите, заклучно со 2019 година скоро 80 отсто од овие компании веќе работат со добивка, бројот на работни места се зголемува за 10 отсто, а просечната плата расте за 11 отсто и изнесува 40.000 денари во просек. Тоа покажува дека економските политики преку програмите на ФИТР даваат резултат – потенцира Деспотовски.

МИА

Сподели: